Обид за грабеж во домот на Ламин Јамал за време на полуфиналето со Франција

Додека Ламин Јамал настапуваше против Франција, крадци се обиделе да влезат во неговиот дом во Барселона. Обидот бил спречен од приватното обезбедување.

Домот на шпанската фудбалска ѕвезда Ламин Јамал во Барселона бил цел на обид за грабеж во раните утрински часови во средата, непосредно по победата на Шпанија над Франција во полуфиналето на Светското првенство.

Според шпанските медиуми, кражбата била спречена благодарение на брзата реакција на приватното обезбедување на фудбалерот.

Камерите снимиле двајца маскирани мажи

Безбедносните камери забележале двајца мажи со качулки како се обидуваат да ја прескокнат оградата на имотот на Јамал во Есплугес де Љобрегат, предградие на Барселона.

Откако сфатиле дека се забележани, двајцата веднаш побегнале пред да пристигне каталонската полиција – Мосос д’Ескуадра, која веднаш била известена за инцидентот.

Полицијата во моментов ги анализира снимките од видеонадзорот во обид да ги идентификува осомничените.

Фудбалерите сè почеста цел на организирани банди

Според извештаите, во последниот период во истата населба се регистрирани повеќе обиди за кражби, а истражителите не ја исклучуваат можноста зад нив да стојат организирани криминални групи кои ги таргетираат домовите на фудбалерите поради скапиот накит и луксузните часовници што ги поседуваат.

Ламин Јамал и самиот често споделува фотографии на социјалните мрежи на кои носи вредни часовници и накит.

Куќата претходно им припаѓала на Пике и Шакира

Луксузната вила во која живее Јамал претходно била во сопственост на поранешниот дефанзивец на Барселона, Жерар Пике, и светската музичка ѕвезда Шакира.

Имотот повторно се најде во центарот на вниманието откако Јамал неодамна го покажа на социјалните мрежи, непосредно пред да отпатува на Светското првенство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс