Квантас го најави најдолгиот комерцијален лет на светот

Австралиската авиокомпанија Квантас го избра Лондон за прва дестинација на најдолгиот комерцијален лет на светот, кој ќе трае до 22 часа и директно ќе ги поврзе Сиднеј и Лондон, без досегашното застанување на таканаречената „Кенгур рута”.
Фото: blackqualis/Flickr

Продажбата на билети започнува во февруари 2027 година, а првите летови треба да полетаат во октомври истата година, изјави извршната директорка Ванеса Хадсон. Летовите се дел од проектот Sunrise, кој подоцна ќе опфати и Њујорк, а ќе се користат модифицирани авиони Airbus A350-1000ULR, способни да летаат до 22 часа и превезат 238 патници.

Одлуката е дел од обновата на флотата започната во 2017 година, кога Квантас побара од Airbus и Boeing да развијат авиони наменети за исклучително долги летови од Австралија. „Оддалеченоста на Австралија од остатокот на светот не треба да биде пречка”, изјави Хадсон.

Целта е поранешното петдневно патување по „Кенгур рутата” до Лондон да се скрати на околу 19 до 22 часа, во зависност од условите. Патувањето меѓу Сиднеј и Лондон моментално трае меѓу 24 и 25 часа, со престан во Сингапур.

Проектот претставува голем финансиски ризик, бидејќи бара инвестиции од повеќе милијарди долари во нови авиони. За да успее, Квантас мора да ги убеди патниците да платат поскапи билети за да ги избегнат престаните, истовремено намалувајќи ги непријатностите од толку долги летови. „Она што го продаваат е време, и затоа ќе мораат да наплатат соодветна цена во сите класи, особено во бизнис и премиум економска”, изјави воздухопловниот аналитичар Џон Стрикланд.

Проектот е именуван Sunrise по долгите летови што компанијата ги изведувала за време на Втората светска војна, кои траеле толку долго што патниците и екипажот за време на еден лет можеле да видат две зазорувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс