Куќата во која е роден Хитлер стана полициска станица

Австрија со околу 20 милиони евра ја преуреди зградата во Браунау, со цел неонацистите повеќе да не се фотографираат пред неа.
Фото: Thomas Ledl, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Од утре полициската станица и окружното полициско заповедништво во австрискиот град Браунау на Ин ќе работат на новата адреса „Salzburger Vorstadt 15″, во зградата во која во април 1889 година е роден Адолф Хитлер. Државата за околу 20 милиони евра целосно ја преуреди куќата, со цел да спречи неонацисти да ја користат за поклонички посети и фотографирање.

Родителите на Хитлер живееле во изнајмениот стан во оваа зграда само неколку месеци, а потоа се отселиле. По присоединувањето на Австрија кон Третиот Рајх во март 1938 година, НСДАП ја откупила куќата и во неа отворила свој културен центар.

По војната зградата била вратена на поранешните сопственици, а државата останала закупец. Служела како библиотека, потоа како училиште, а на крајот како работилница за лица со инвалидитет. Од 2011 година стои празна.

Република Австрија во 2016 година донела одлука за изземање на недвижнината, со цел да спречи неонацисти да го присвојат местото за свои собири. Целта била, како што се наведува, „неутрализација на целото место”.

Австриското Министерство за внатрешни работи формирало посебно повереничко тело задолжено да развие концепт за идна намена на зградата. Телото се определило за социјално-хуманитарна или административно-државна функција.

Оскар Дојч, претседател на Еврејската општина во Виена и член на повереничкото тело, за ДВ изјавил дека прашањето отсекогаш се сведувало на тоа куќата никогаш да не стане собиралиште на неонацисти. Историчарот Оливер Ратколб, исто така член на телото, објаснил дека нивниот прв предлог бил хуманитарната организација „Volkshilfe”, но таа понудатабила одбиена. Според него, полициската станица треба да ги одврати обожавателите на Хитлер од идејата да се фотографираат пред преуредената зграда.

Според анкета од 2023 година, само шест отсто од Австријците се согласиле со преселбата на полицијата во оваа зграда.

За обновата, вклучувајќи наменска едноставна фасада без каква било информативна табла, државата издвоила околу 20 милиони евра. Стручното повереничко тело препорачало и спомен-камен пред куќата, донесен од логорот Маутхаузен, да биде преместен на друга локација во градот. Општината сепак одлучила каменот да остане таму каде што бил.

Полиција е сместена и на последната пријавена адреса на Хитлер во Германија, зградата на „Prinzregentenplatz 16″ во минхенската четврт Богенхаузен, која му припаѓала сè до неговата смрт. Од 1998 година таму работи полициска станица, која неодамна отворила врати за одбрани настани, со цел да покаже дека местото денес е дом на демократски вредности.

е-Трн да боцка во твојот инбокс