Гостивар, Валандово и Крушево во јули 2026 година едно по друго воведоа забрани за пиење вода поради загадување, откриено преку вонредни инспекции на Агенцијата за храна и ветеринарство. Додека институциите сè уште бараат причини и решенија, еколозите предупредуваат дека околу 900.000 кубни метри јаловина богата со хром се наоѓа во близина на изворот Рашче, главниот снабдувач со вода за пиење за Скопје.
Во Гостивар забраната за пиење вода трае веќе десет дена. Агенцијата за храна и ветеринарство ја воведе на 17 јули, откако инспекциски надзор откри дива, неодобрена пумпа во главниот цевковод која директно вбризгувала вода од реката Вардар во водоснабдителниот систем. Лабораториските анализи покажаа присуство на колиформни бактерии од 2.419,6 cfu/100 мл, наспроти максимално дозволените 50. Обвинителството отвори истрага против три лица за тешки дела против животната средина. Министерот за здравство Сашо Клековски на 25 јули соопшти дека вкупниот број заболени изнесува околу 4.000, но дека бројката на нови случаи е во опаѓање, со само 80 новопријавени тој ден, двојно помалку од претходно.
Валандово помина низ пократка, но слична криза. На 22 јули беше воведена забрана откако анализите покажаа зголемено ниво на арсен, 14 микрограми на литар наспроти максимално дозволените 10. Јавното претпријатие „Комунален сервис“ подоцна беше критикувано затоа што цела седмица не ја информирало јавноста за решението на АХВ, добиено уште на 16 јули. По вондредна анализа, забраната беше укината на 24 јули.
Во Крушево забраната сè уште важи. Примероци земени на 20 јули покажаа бактериолошка неисправност на водата на пет локации во градот, меѓу кои чешмите „Св. Петка“, „Крајпатна бензинска“ и реонот под хотел „Монтана“. Центарот за јавно здравје во Прилеп бара три последователни исправни примероци пред да ја укине мерката, а до 25 јули таа сè уште не била исполнета.
Додека три града се справуваа со последиците од загадена вода, останува нерешен и потенцијално најопасниот случај. Во близина на поранешната фабрика „Југохром“ веќе години стои депонија со околу 900.000 кубни метри јаловина богата со хром. Иако физички оддалечена, преку подземни водени текови таа претставува директна закана за изворот Рашче, главниот водоснабдителен ресурс за Скопје.
Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, претходно годинава, предупреди дека ризикот е реален, не хипотетички: водата од јаловината веќе се слева во реките, а можноста за понирање на шестовалентен хром во подземните води на Рашче постои. Ако до тоа дојде, изворот нема да биде само привремено небезбеден, туку трајно изгубен. Шестовалентниот хром е канцероген и смртоносен, а не постои технологија што може да прочисти вода со таков степен на контаминација во природни водоносни слоеви. Лешоска посочи и системски проблем: голем број рурални средини во земјава немаат легален водоснабдителен систем, поради што нелегалните активности во близина на зафатните места стануваат структурален ризик, а не исклучок.
Преспа стои како предупредување, а Европа веќе ја плаќа цената
Преспанското Езеро континуирано губи вода од крајот на минатиот век. Трилатерална работна група во рамки на проектот „Преспанет III“ анализираше над 120 научни документи и утврди дека главните причини се намалените врнежи и прекумерното зафаќање вода за наводнување, а не тектонски активности, како што дотогаш се шпекулираше. Пониското ниво веќе влијае врз мрестилиштата на рибите, крајбрежјето и влажните ливади. Научниците притоа посочија дека податоците за потрошената вода се расцепкани меѓу Албанија, Грција и Северна Македонија, а мониторингот во дел од сливот целосно недостасува.
Истиот образец се гледа и пошироко низ континентот. Според најново научно истражување, екстремните горештини забрзано ги испаруваат водните резерви низ Европа, а последиците веќе се чувствуваат во Романија и Грција, каде што ниското ниво на реките го отежнува бродскиот транспорт и земјоделството. Франција, пак, стравува за домашното производство поради долготраен недостиг на вода.
Македонија го чувствува истиот притисок на климата како и остатокот на Европа, но случаите во Гостивар, Валандово и Крушево покажуваат дека проблемот не е само климатски. Тој е и институционален: нелегална пумпа во водоводна цевка, седум дена молк од комунално претпријатие, депонија со хром до непосредна близина на главниот извор за главниот град.
Водата станува сè поретка, а системот за нејзина заштита сè уште реагира откако штетата веќе е направена.