Соборени три руски дронови во три дена во воздушен простор на НАТО

Романија го повика рускиот амбасадор на разговор по новата интервенција на ловците Ф-16 и соборувањето на иранскиот модел Шахед.

Романската армија собори уште еден ирански дрон Шахед над Црното Море, со што ова е трет соборен беспилотен објект за три дена. Поради зачестените упади на руски дронови, Романија итно го повика рускиот амбасадор на разговор. Ова е првпат романските ловци Ф-16 директно да пресретнуваат и уништуваат летала кои го повредуваат воздушниот простор на НАТО.

Романското Министерство за одбрана потврди дека борбен авион Ф-16 пресретнал и соборил дрон од типот Шахед во близина на брегот. Ова е трет ваков инцидент во рок од 72 часа, откако армијата премина на директна примена на одбранбени протоколи за заштита на воздушниот простор.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, беспилотните летала редовно влегуваа во романскиот воздушен простор, но воените сили до минатиот петок не ги соборуваа. Промената во тактиката доаѓа по проценката дека повторените упади претставуваат директен ризик за безбедноста на цивилното население во пограничните региони.

Министерството за надворешни работи на Романија го повика рускиот амбасадор на официјален разговор во Букурешт. Романските власти упатија остар протест поради прекршувањето на суверенитетот и истакнаа дека упадите на руските летала во просторот на НАТО се апсолутно неприфатливи.

Регионалниот контекст го прави овој регион посебно чувствителен, со оглед на тоа што романските пристаништа и инфраструктура на Дунав се наоѓаат на само неколку стотици метри од украинската граница. Букурешт веќе информираше и побара консултации со сојузниците од Алијансата за дополнително зајакнување на источното крило.

е-Трн да боцка во твојот инбокс