Спречено грабнување во струмичко, напаѓачите тепале и полицајци

Шест лица од Просениково упаднале во дом во струмичкото селото Сарај, каде физички нападнале шестмина возрасни и две деца во обид да одведат жена.

Шестмина жители на селото Просениково добија кривични пријави откако обидот за грабнување во струмичко кулминираше со тешко насилство. Настанот се случил на 24 јули вечерта, кога групата насилно влегла во куќа во соседното село Сарај и претепала осум лица. При полициската интервенција, еден од напаѓачите физички нападнал и полициски службеници.

Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривични пријави против шест мажи од Просениково. Осомничените се на возраст од 21 до 49 години. Според полицискиот извештај, тие околу 21 часот и 20 минути извршиле насилен упад во куќата на К.Ѓ. во селото Сарај. Групата физички нападнала шестмина возрасни и две малолетни лица присутни во објектот, нанесувајќи им телесни повреди.

Двајца од осомничените со иницијали Т.Ј. и Г.Т., се обиделе насилно да ја извлечат и одведат Р.Ѓ. против нејзината волја. Поради ова, Министерството за внатрешни работи покрај за насилство, ги товари и за кривично дело противправно лишување од слобода. Ситуацијата дополнително ескалирала кога пристигнала полицијата. Еден од осомничените, 22-годишниот Б.Д., агресивно им се спротивставил на униформираните лица и физички нападнал двајца полицајци.

За време на инцидентот, сопственикот на куќата излегол на терасата. Тој испукал два истрела во воздух од својата ловечка пушка. Полицијата соопшти дека по целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава и против него.

Шестмината напаѓачи се лишени од слобода и веднаш задржани во струмичката полициска станица. За случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица кој ја води понатамошната истрага.

е-Трн да боцка во твојот инбокс