Двајца мажи осомничени за спектакуларната кражба на кралскиот накит од музејот Лувр во Париз за првпат детално ја опишаа својата улога во акцијата. Тие тврдат дека биле ангажирани само неколку дена пред грабежот, со ветена награда меѓу 15.000 и 25.000 евра.
Осомничените Абдулај Н. и Геламалах А. се товарат дека на 19 октомври 2025 година влегле во Галеријата Аполон и украле дел од француските крунски драгули. Според нивните искази, акцијата била организирана од непознат нарачател кој им обезбедил снимки од просторот и им ја дал задачата да го земат накитот од витрините.
Тие признале дека до музејот стигнале со камион со хидраулична платформа, претставувајќи ја операцијата како редовно одржување. По качувањето до балконот, со алат влегле во галеријата и за само неколку минути ги скршиле витрините.
„Ни беше кажано да земеме што повеќе накит и да не остануваме долго бидејќи ќе бидеме фатени“, изјавил Абдулај Н. пред истражните судии.
Украдени биле осум парчиња накит, меѓу кои тијари, ѓердани, брошеви и обетки кои им припаѓале на француски кралици и царици. Вредноста на пленот се проценува на околу 88 милиони евра, без да се пресмета историската вредност.
Осомничените тврдат дека накитот не останал кај нив, туку истиот ден бил предаден на мистериозниот организатор во подземна гаража во предградие на Париз. Според нивните зборови, организаторот бил незадоволен бидејќи очекувал поголем плен.
И двајцата одбиваат да го откријат неговото вистинско име, наведувајќи дека се плашат за својата безбедност и за своите семејства. Единствено откриле дека го познавале под прекарот „Жо“.
Истрагата сè уште не потврдила дали навистина постоел главниот организатор или дали приказната е обид за префрлање на одговорноста. Француските истражители продолжуваат да трагаат по исчезнатиот накит и по лицата кои можеби стојат зад една од најголемите кражби во историјата на Лувр.