Крај за мини-работите во Германија? Следуваат помали плати и повисоки придонеси

Германија се подготвува за една од најголемите реформи на пазарот на трудот во последните години. Владината комисија предложи укинување на повластениот даночен и социјален статус на таканаречените „мини-работи“, а доколку реформата биде усвоена, милиони работници би можеле да добиваат помал нето-приход, но истовремено да стекнат повисоки пензиски права.

Мини-работите во моментов им овозможуваат на вработените да заработуваат до 603 евра месечно, односно до 7.236 евра годишно, со минимални даночни и социјални обврски. Овој модел најчесто го користат лица кои веќе имаат редовна работа, но бараат дополнителен приход за покривање на трошоците за кирија, сметки, храна и други секојдневни потреби.

Според сегашните правила, работниците можат да бидат ослободени од плаќање на сопствениот дел од пензиските придонеси, што значи дека на крајот од месецот им остануваат повеќе пари. Од друга страна, тоа резултира со значително пониски пензиски права во иднина.

Комисијата предлага мини-работите да се претворат во редовни работни односи, при што вработените задолжително би плаќале придонеси за пензиско, здравствено и останато социјално осигурување. Исклучок би имало само за учениците, додека студентските организации веќе побараа и студентите да бидат изземени од новите правила.

За работниците тоа би значело помал износ на сметката секој месец, а за државата повеќе средства во пензискиот фонд и поголем број осигуреници. Критичарите предупредуваат дека многу луѓе нема да можат да си дозволат намалување на месечните приходи, без оглед на ветувањата дека во иднина ќе добиваат повисоки пензии. Тие стравуваат и дека дел од мини-работите би можеле да преминат во сивата економија или целосно да исчезнат.

Најсилно погодени би биле секторите како угостителството, трговијата, услугите за чистење и други дејности каде што работодавците ангажираат работници само неколку часа неделно. Во овие области мини-работите со години се користат како флексибилен начин за справување со недостигот на работна сила. Експертите предупредуваат дека особено погодени би можеле да бидат жените, кои почесто работат со скратено работно време или подолг период остануваат во системот на мини-работи. Иако моделот им обезбедува повисоки тековни приходи, тој често резултира со многу ниски пензии по завршувањето на работниот век.

Покрај промените за мини-работите, комисијата предлага и постепено зголемување на старосната граница за пензионирање во зависност од очекуваниот животен век, како и укинување на можноста за предвремено пензионирање без намалување на пензијата по 45 години уплатени придонеси. Според важечките правила, лицата родени во 1962 година можат да се пензионираат без намалување на пензијата на возраст од 64 години и осум месеци доколку имаат 45 години работен стаж. Оние со најмалку 35 години стаж и понатаму можат да заминат во пензија од 63-годишна возраст, но со трајно намалување на пензијата.

Германската влада најави дека препораките на комисијата ќе ги преточи во законски пакет и има намера реформите да бидат усвоени во Бундестагот до крајот на годината. Засега мини-работите не се укинати, но нивниот сегашен модел е сериозно доведен во прашање, а конечната одлука ќе зависи од парламентарната расправа во наредните месеци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс