Започна косењето на ресите во реката Црн Дрим во Струга

АД ЕСМ преку ХЕС „Црн Дрим“ ја започна акцијата за косење на ресите во градскиот дел на реката Црн Дрим во Струга, пред летната туристичка сезона.

АД ЕСМ, преку Подружницата ХЕС „Црн Дрим“, и оваа година ја започна традиционалната акција за косење на ресите во градскиот дел на реката Црн Дрим во Струга.

Иако оваа активност не претставува законска обврска за компанијата, од ХЕС „Црн Дрим“ посочуваат дека таа останува дел од нивната општествено одговорна политика и грижата за зачувување на природната убавина и животната средина.

По спроведената тендерска постапка и изборот на специјализирана компанија за чистење на речното корито, денеска започнаа работите на терен.

Според најавите, акцијата треба да заврши најдоцна до петок, 3 јули.

Акцијата се спроведува пред туристичката сезона

Од ХЕС „Црн Дрим“ информираат дека косењето се реализира токму во овој период од годината, бидејќи крајот на јуни се смета за најсоодветен термин за ваков зафат.

Со тоа се овозможува да се забави повторното израснување на ресите во текот на летната туристичка сезона, кога реката и градот ги посетуваат голем број туристи.

Акцијата има за цел да придонесе за подобар изглед на речното корито, почиста околина и зачувување на препознатливиот природен амбиент на Струга.

е-Трн да боцка во твојот инбокс