„Корзика во фокус“: Францускиот филм се враќа во Скопје по девет години

Фестивалот на француски филм ќе се одржи од 17 до 20 јуни во Синеплекс и Кинотека, со четири филмски остварувања, гости од француската кинематографија и средби со македонската публика.

Фестивалот на француски филм „Корзика во фокус“ се враќа во Скопје по пауза од девет години. Свеченото отворање ќе се одржи вечерва, во среда, 17 јуни, во 19:00 часот, во киното Синеплекс, со проекција на филмот „Кралство“ на режисерот Жилиен Колона.

Ова издание, кое ќе трае до 20 јуни, е посветено на современата француска кинематографија, со посебен фокус на Корзика како простор на силни авторски гласови, комплексни приказни и автентична филмска енергија.

Публиката ќе има можност да погледне четири значајни филмски остварувања, но и да се сретне со дел од режисерите и актерите по проекциите. Гости на фестивалот се режисерите Жилиен Колона, Тјери де Перети и Фредерик Фаручи, како и актерите Алекси Мананти и Андреа Коси.

Нивното присуство го прави фестивалот повеќе од филмска програма. „Корзика во фокус“ ќе биде и простор за разговор, размена и директна средба меѓу француските синеасти, македонската публика и домашната филмска сцена.

Покрај проекциите, во рамки на фестивалот се предвидени и професионални средби на француските гости со домашните филмски професионалци и со студентите од Факултетот за драмски уметности.

Фестивалот се отвора со „Кралство“ на Жилиен Колона

Првата фестивалска вечер, на 17 јуни во Синеплекс, е резервирана за „Кралство“ на Жилиен Колона, по што ќе следи разговор со режисерот.

Колона е режисер, писател и фотограф роден на Корзика. Познат е по наградуваниот краток филм „Confession“, мини-серијата „Brutal: Taste of Violence“ и неговите авторски проекти што комбинираат визуелен сензибилитет, силни ликови и современа филмска естетика.

Корзикански приказни преку современ француски филм

На 18 јуни, исто така во Синеплекс, ќе биде прикажан филмот „Фотографка“ на Тјери де Перети, по што ќе следи разговор со режисерот.

Де Перети е еден од најпрепознатливите современи француски автори поврзани со Корзика. Неговите филмови често го истражуваат корзиканското општество, политичките тензии, насилството, идентитетот и личните судбини во поширок општествен контекст.

На 19 јуни, публиката ќе може да го погледне „Мохиканец“ на Фредерик Фаручи, со Алекси Мананти во главната улога. По проекцијата ќе следи разговор со режисерот и актерот.

Фаручи е француски режисер и сценарист роден на Корзика. Кариерата ја започнал со краткометражни филмови, а неговиот филм „La nuit venue“ му донесе значајни признанија и го потврди како автор со силно чувство за атмосфера и визуелен ритам.

Алекси Мананти, пак, е познат по улогата во филмот „Клетници“ на Лаџ Ли, која му донесе широко признание. Тој е дел од новата генерација француски актери кои често работат во независната кинематографија и во филмови со силен социјален и политички нерв.

Завршница со проекција на отворено во Кинотека

Фестивалот ќе заврши на 20 јуни во Кинотека, со проекција на отворено на филмот „Грабнување“ на Ирис Калтенбек, со почеток во 20:30 часот.

Со четири филмски вечери, разговори со авторите и професионални средби, „Корзика во фокус“ го враќа францускиот филм во Скопје како простор за гледање, слушање и дијалог.

Фестивалот се организира со поддршка на аптеките Зегин, Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Факултетот за драмски уметности, Кинотеката, Амбасадата на Северна Македонија во Франција, Cineplexx, Skopje City Mall, Renault Automotive Group, винаријата Тиквеш и хотелот Мериот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс