Конкурсот за книжевната награда „Пегаз“ отворен до 1 јуни

Авторите можат да испратат необјавен роман на македонски јазик и кирилско писмо, а наградата носи 90.000 денари, статуетка и објавување на делото.

Осмиот конкурс за книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман ќе биде отворен до 1 јуни 2026 година. Добитникот ќе биде прогласен на 2 септември, а наградата и годинава ја доделуваат издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

На конкурсот можат да се пријават необјавени романи за возрасни, напишани на македонски јазик и со кирилско писмо. Авторите треба да ги испратат ракописите во Word или PDF формат на електронската адреса pegaz@arslamina.com.

Пристигнатите ракописи ќе ги оценува тричлена жири-комисија, составена од двајца реномирани културни работници и еден претставник на издавачката куќа. Составот на жирито ќе биде објавен дополнително.

Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција. Годинашното издание е поддржано од Министерството за култура, во рамки на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата.

„Пегаз“ е востановена во 2019 година со цел да открива нови писателски гласови и да ја поттикнува македонската романескна продукција. Наградата е замислена како продолжение на „Роман на годината“, која Фондацијата „Славко Јаневски“ ја доделува за најдобар објавен роман.

Досегашни добитници на „Пегаз“ се Соња Манџук, Владо Јаневски, Љупчо Петрески, Александар Русјаков, Сибо, Јована Матевска Атанасова, Владимир Јанковски и Фросина Пармаковска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни