Концерт на Пијано трио на „49.Денови на македонска музика“

Фестивалот „49.Денови на македонска музика“ е во организација на Сојузот на композитори на Македонија,

Вечерва со почеток во 20 часот, во Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт во рамките на манифестацијата „49.Денови на македонска музика“, концерт на Пијано триото – Татијана Петрушевска Караскаковска – обоа, Марјан Милошевски – фагот и Петар Макариевски – пијано. 

Овој настан ќе биде единствена можност да се проследат дела од различни периоди и стилови на македонската музичка мисла посветена на камерниот состав – пијано трио, особено нови премиерни дела создадени специјално за овој состав. Ќе бидат изведени делата на композиторите Кирил Македонски, Томе Манчев, Вања Николовски – Ѓумар, Валентина Велковска-Трајановска, Горан Начевски, Александар Пејовски, Борис Светиев и Филип Иванов. 

Фестивалот „49.Денови на македонска музика“ е во организација на Сојузот на композитори на Македонија, а се одржува под покровителство на Претседателот на Р Македонија, со поддршка на Министерство за култура.

Влезот на концертот е слободен.

Составено од тројца етаблирани музичари, Татијана Петрушевска Караскаковска прва обоа во оркестарот на НОБ, Марјан Милошевски прв фагот во оркестарот на НОБ и професор по фагот на ФМУ, Петар Макариевски пијано, уметнички соработник при ФДУ, ова Tрио ги здружи своите сили во 2014 година. Сите остварени и потврдени уметници со своите инструменти, поттикнати од желба за истражување на нови композиции и зголемување на својот репертоар, формираа ансамбл сметајќи дека постоење на камерни ансамбли од секаков вид е потребно и полезно за музичарите, од аспект на соработка, зголемување на репертоар, изведба на дела кои не се само за соло инструмент туку во соработка со други инструменти.

Формацијата на овој ансмабл, овозможува широк спектар на репертоар од различни епохи и композиции кои бараат виртуозност во изведбата и се предизвик за изведување. Х.Брод; Т.Лалие; К.Фридеман; В.А.Моцарт; Ф.Пуланк; Г.Ф.Хендл; А.Вивалди; А.Рајхенауер; Л.В. Бетовен; М. Глинка, се дел од композиторите кои се на репертоарот на Триото и кој постојано се збогатува со нови композиции.

Првиот свој настап Триото го имаше на концертот и промоцијата на ЦД во чест на флејтистот Илија Зимбо во Скопје. Следуваат концерти во Демир Капија; Куманово; Виница; Kрушево; Прилеп; Гевгелија; Берово; Делчево; Кочани; Нови Сад. На својата програма секогаш имаат дела кои се изведуваат премиерно во Македонија, а кои дела и самата изведба на Триото секогаш наидуваат на одушевување кај публиката . Во 2022 година македонските композитори Вања Николовски-Ѓумар и Филип Иванов напишаа дела специјално за Пијано Трио , кои својата светска премиера ја имаа на Фестивал на камерна музика во Нови Сад –Европски град на култура за 2022 година. Во ноември 2022 година Триото настапи со рецитална програма на фестивалот Есенски музички свечености со дела од светската литература.

Во 2023 година композиторите Костадин Делиниколов и Горан Начевски посветија свои композиции на Триото кои имаа светска премиера на ДММ 2023 година. Во јули 2023 година триото настапи со целовечерен концерт на реномираниот фестивал ”Охридско Лето”. Истата година во септември триото настапи со целовечерен концерт во Македонскиот Културен Центар во Истанбул исклучиво со дела на македонски композитори.

Во 2024 година Триото го одбележа својот десет годишен јубилеј со целовечерни концерти во Виница; Офицерскиот дом во Битола; фестивалот на СМУМ „Златна Лира“; КИЦ на РСМ во Загреб. Во 2024 година Триото ја доби наградата „Георги Божиков” која ја доделува СОКОМ, за низата успешни концерти во земјата и странство со дела од македонски композитори. Во 2025 година Триото настапи во Кавадарци, следуваа настапи на фестивалот Охридско лето и во КИЦ на РСМ во Софија со извонреден успех.

Она што го карактеризира Триото како состав се истенчен и моќен звук; интерактивост; прецизност во изведбата; индивидуалност и виртуозност на музичарите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс