Клучни разлики меѓу азискиот и андскиот хантавирус: Како различните соеви го напаѓаат организмот?

Иако ситуацијата на крузерот „Хондиус“ бара максимална претпазливост и меѓународна соработка, заклучокот на експертите е јасен: клучот е во хигиената, контролата на популацијата на глодари и зајакнувањето на сопствениот имунолошки систем за организмот да биде подготвен за евентуална средба со патоген.

Холандскиот крузер „Хондиус“ моментално е закотвен на Тенерифе, откако последниве денови се најде во фокусот на светската јавност поради појавата на хантавирус. Евакуацијата на патниците беше спроведена под строги безбедносни мерки, додека постои сомнеж дека жариштето на инфекцијата била Ушуаја, најјужниот град во Аргентина, од каде што патниците тргнале на експедиција кон Антарктик.

Иако бројот на заразени расте, експертите порачуваат дека нема место за паника, но предупредуваат на сè почестите зоонози, болести што се пренесуваат од животни на луѓе. Имунологот Борислав Каменов и ветеринарот Среќко Радојичиќ во разговор за Еуроњуз Србија ја анализираа актуелната состојба и ги објаснија специфичностите на вирусот.

Од „глувчешка треска“ до фатални белодробни синдроми

Професорот Каменов истакнува дека хантавирусите не се новина во медицината и дека се познати околу 20 различни соеви. Првпат биле идентификувани за време на Корејската војна, по што и познатиот „Сеул“ сој го добил името. Додека овој азиски тип вирус, кој ги погодува и нашите простори, е познат по предизвикување бубрежни проблеми со релативно ниска смртност, ситуацијата на крузерот е значително посериозна.

„На бродот е идентификуван андскиот сој, карактеристичен за Јужна Америка, каде што смртноста достигнува и до 40 проценти. За разлика од азискиот сој кој ги напаѓа бубрезите, овој предизвикува тешки респираторни симптоми, како едем на белите дробови и оштетување на крвните садови“, објаснува д-р Каменов.

Особено загрижувачки е фактот што андскиот вирус може да се пренесува од човек на човек, што не било случај кај другите соеви. Каменов наведува пример со пациентка која го напуштила бродот и заминала во Франција, каде што и лице кое било во контакт со неа исто така се разболело.

Сепак, тој ја смирува јавноста:

„Тој пренос не е интензивен како кај ковид. Потребен е многу близок контакт со секрети и плунка од заразено лице.“

Имунолошки одговор и „цитокинска бура“

Говорејќи за развојот на болеста, професорот Каменов нагласува дека вирусот директно ги оштетува клетките на респираторниот систем и крвните садови. Кога крвните садови стануваат пропустливи, течноста навлегува во ткивото, што го активира имунолошкиот систем до крајни граници.

„Доаѓа до она што го нарекуваме цитокинска бура. Организмот се обидува да го реши проблемот, но тој одговор често е контрапродуктивен. Тоа е она што правниците го нарекуваат ‘пречекорување на нужната одбрана, реакцијата на системот е толку силна што клиничката слика станува исклучително тешка“, истакнува имунологот.

Каменов особено го критикуваше игнорирањето на превентивните мерки кои можат да го зајакнат организмот, како употребата на витамин Д. Според него, студиите покажале дека смртноста од вирусни инфекции била и до 14 пати помала кај пациенти со нормално ниво на овој витамин.

„Витаминот Д не е лек, но може значително да придонесе за запирање на репликацијата на вирусот на ниво на макрофагите и да ја ублажи жестината на реакцијата на имунолошкиот систем“, додава тој.

Глодарите како главни резервоари

Ветеринарот д-р Среќко Радојичиќ потврди дека главни преносители на хантавирусот се глодарите – глувците и стаорците. Тој потсетува дека низ историјата токму овие животни биле причинители на големи епидемии, како чумата, но и современи болести како лептоспирозата.

„Хантавирусот најчесто се пренесува преку контакт со честички од исушен измет, урина или плунка од заразени глодари. Луѓето најчесто се заразуваат при чистење запуштени викендички или при работа на полиња каде што има голема популација на глодари“, објаснува Радојичиќ.

Тој се осврна и на поширокиот контекст на зоонозите, потсетувајќи дека резервоар за КОВИД-19 биле лилјаците, додека преодни видови, како цибетките, имале клучна улога во преминувањето на вирусот меѓу видовите.

Опасност од мутации и премин на луѓе

Експертите се согласуваат дека мутациите на вирусите се природен процес, но стануваат опасни во моментот кога вирусот „ќе научи“ како да премине од еден вид на друг.

„Мутациите можат да бидат безопасни, но и катастрофални за човештвото. Голем проблем настанува кога вирусот ќе ја пробие бариерата меѓу видовите. Ако остане во рамките на еден животински вид, тоа не е толкава закана, но штом премине на човек и почне да се шири меѓу луѓето, се соочуваме со потенцијална епидемија“, предупредува д-р Радојичиќ.

Иако ситуацијата на крузерот „Хондиус“ бара максимална претпазливост и меѓународна соработка, заклучокот на експертите е јасен: клучот е во хигиената, контролата на популацијата на глодари и зајакнувањето на сопствениот имунолошки систем за организмот да биде подготвен за евентуална средба со патоген.

е-Трн да боцка во твојот инбокс