Каја Калас: Европската одбранбена индустрија не произведува доволно

Калас напомена дека производството во некои специфични сегменти сепак пораснало, како на пример муниција и противвоздушна одбрана.

Високата претставничка на Европска Унија за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, изрази „фрустрација“ затоа што европската одбранбена индустрија, и покрај милијардите вложени евра, и натаму не произведува доволно.

Нејзината изјава следеше по состанокот на министрите за одбрана, а бавниот напредок на Унијата е во остар контраст со Украина, која за само четири години стана сериозна воено-индустриска сила. Калас ја истакна Украина како клучен извор на иновации од кој Европа „има многу да научи“, пишува The Kyiv Independent.

Напорите на ЕУ и понатаму недоволни

Унијата, во меѓувреме, не седела со скрстени раце. Обезбедени се 150 милијарди евра поволни кредити за одбрана како одговор на критиките од компаниите дека им се потребни подолгорочни планови за нарачки. Исто така, изменети се критериумите за набавка во неколку програми за финансирање со цел државите да се поттикнат на заедничко купување, со што се обидува да се реши проблемот со малите нарачки што настануваат кога помалите земји набавуваат самостојно.

Калас напомена дека производството во некои специфични сегменти сепак пораснало, како на пример муниција и противвоздушна одбрана.

„Во исто време пораснаа и потребите на земјите членки“, изјави таа, додавајќи дека фрагментираните регулаторни стандарди низ ЕУ и понатаму го кочат позначителното зголемување на производството.

Украина како пример и потенцијален партнер

Претходно истиот ден, Калас ги претстави плановите за зајакнување на Европска одбранбена агенција со цел подобрување на иновациите, заедничките проекти и процесите за набавка за земјите на ЕУ. И во тие области, како што рече, многу може да се научи од Украина.

„Со тоа треба да се зафати и одбранбената индустрија“, порача Калас.

Претставниците на одбранбената индустрија на ЕУ се согласуваат дека можат да учат од своите украински колеги. Давид Луенго од шпанскиот производител на оружје Indra ја истакна „докажаната во борба“ природа на украинската опрема како нејзина предност и „конкурентска острина“ за време на панел-дискусија на 7 мај.

Тој ги повика политичарите да „размислат како Украина да се вклучи во синџирот на снабдување“ и нагласи дека, иако украинските компании би можеле да бидат конкуренција, тој „повеќе би сакал Украина да биде во неговиот клуб, во неговата ЕУ, заедно со нејзината индустрија“.

„Време и култура, а не пари“

Неговиот колега на панелот, Микаел Исаксон од шведскиот производител на одбранбена опрема Saab, исто така ја пофали Украина поради нејзината експертиза во областа на беспилотните летала, која „донесе многу новини“.

За Исаксон, главниот предизвик за Европа во зголемувањето на производството сега се „времето и културата, а не парите“.

Тој особено ги опиша процесите за набавка како „оптоварувачки“ и „бавни“ и рече дека „земјите членки мора да го променат начинот на работа“.

Висок функционер на ЕУ изјавил за The Kyiv Independent дека тоа прашање се решава, но дека на крајот земјите членки се одговорни за сопствените набавки, при што и НАТО има важна улога во набавката и стандардизацијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс