Американската војна против Иран досега ја чинела администрацијата на Доналд Трамп 29 милијарди долари, соопшти Пентагон. Тоа е за четири милијарди повеќе од проценката изнесена кон крајот на минатиот месец. Поголемиот дел од сумата, околу 24 милијарди долари, се однесува на замена на муниција и поправка на воена опрема, но и на трошоците за одржување на американските сили распоредени во регионот, пишува Индипендент.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет се соочи со критики и од републиканците и од демократите поради нејасниот план на администрацијата на Трамп за завршување на војната.
„Не се согласувам со тврдењата дека нашите залихи на муниција се исцрпени. Тоа едноставно не е точно“, изјави Хегсет.
Во меѓувреме, Трамп предизвика нови реакции со изјавата дека финансиските тешкотии на Американците не го загрижуваат додека трае конфликтот со Иран. Говорејќи пред заминувањето во Пекинг на средба со кинескиот претседател Си Џинпинг, Трамп одговори на прашање за растот на цените и притисокот врз домашните буџети.
„Не размислувам за тоа“
Неговата изјава дојде по новите податоци за инфлацијата во САД. Индексот на потрошувачки цени пораснал за 3,8 проценти на годишно ниво, додека цените на горивата само минатиот месец скокнале за 5,4 проценти. Растот на цените се поврзува со кризата околу Ормутски Теснец, низ кој поминува голем дел од светското снабдување со нафта.
„Не размислувам за финансиската состојба на Американците. Не размислувам за никого. Размислувам само за една работа: не смееме да дозволиме Иран да дојде до нуклеарно оружје“, изјави Трамп.
Нова анкета на Си-Ен-Ен и ССРС покажала дека 77 проценти од Американците сметаат дека политиките на Трамп ги зголемиле трошоците за живот, при што многумина како главни причини ги наведуваат војната со Иран и царините. Трамп ги отфрли критиките и тврдеше дека неговата политика „функционира неверојатно добро“, потсетувајќи дека инфлацијата пред војната била пониска.
Најави „златно доба на Америка“
„Секој што сака Иран да има нуклеарно оружје е глупава личност“, рече Трамп, додавајќи дека американскиот берзански пазар и понатаму е на рекордни нивоа. Тој порача и дека војната „нема долго да трае“ и дека по смирувањето на ситуацијата околу Ормутскиот Теснец цените на нафтата ќе паднат.
„Штом заврши оваа војна, ќе видите пад на цените на нафтата и ново златно доба на Америка“, изјави Трамп.
Иако Трамп тврди дека Американците ги разбираат привремените економски последици од војната, засега нема индикации за брз крај на конфликтот.