Skopje Design Week 2026: Скопје станува европска точка на средба на дизајнот, занаетчиството и новите креативни идеи

Тринаесеттото издание на фестивалот, под темата „Crafting Tomorrow“, од 21 до 27 ноември ќе обедини дизајнери од Европа и Македонија, архитектура, современо занаетчиство, одржливи практики и нови генерации креативци.

Од 21 до 27 ноември, Скопје повторно ќе стане регионална и меѓународна точка на средба на дизајнот, креативните индустрии и современите идеи. Тринаесеттото издание на Skopje Design Week, под темата „Crafting Tomorrow“, ќе ја отвори дискусијата за тоа како традиционалните знаења, занаетчиските техники и локалното наследство можат да станат основа за современи и одржливи дизајнерски решенија.

На брифингот со претставниците на медиумите, организаторите ги претставија главните програмски содржини и концептуалните насоки на годинашното издание, кое го поставува дизајнот во поширок општествен, културен и економски контекст. Во фокусот се прашањата за начинот на кој создаваме и произведуваме, односот кон материјалите и ресурсите, вредноста на рачната изработка, но и можностите што ги отвораат новите технологии и меѓународната соработка.

Еден од најзначајните сегменти на годинашното издание е европската платформа Next Gen, преку која ќе бидат претставени проекти на 50 млади дизајнери од цела Европа. Оваа патувачка групна изложба е дел од проектот и истоимената Next Gen платформа, основана од Public Room и Skopje Design Week, во партнерство со европските организации Barcelona Design Week од Шпанија, What Design Can Do од Холандија, Design Austria и Vienna Design Week од Австрија и Mikser од Србија.

Десетмина од дизајнерите чии проекти ќе бидат претставени ќе учествуваат и на петдневна дизајнерска резиденција во просториите на Public Room, за време на фестивалот. Програмата е замислена како можност за непосредна размена на знаења, искуства и креативни практики, но и за воспоставување нови професионални контакти и соработки меѓу младите автори од различни европски земји.

„Како дел од овогодинешното издание ќе бидат претставени проекти на 50 млади дизајнери од цела Европа. Оваа патувачка групна изложба е дел од проектот и истоимената Next Gen платформа, основана од страна на Public Room и Skopje Design Week заедно со европските организации Barcelona Design Week од Шпанија, What Design Can Do од Холандија, Design Austria и Vienna Design Week од Австрија и Mikser од Србија. Десетмина од дизајнерите кои стојат зад проектите доаѓаат и на дизајн резиденција која ќе се одржи во просториите на Public Room за време на фестивалот“, истакнува Тамара Георгевска, дизајнерка и организаторка.

Важен дел од програмата е и базарот посветен на локалните занаетчии и независните креативци, на кој ќе учествуваат 25 изложувачи. Неговата цел е да ја афирмира рачната изработка, автентичноста и индивидуалниот пристап во создавањето, давајќи им поголема видливост на авторите и малите креативни бизниси.

„Со овој базар сакаме да им дадеме простор и видливост на локалните занаетчии, креативци и луѓе кои со своите раце, знаење, труд и посветеност создаваат уникатни производи. Сметаме дека овие луѓе заслужуваат да бидат ставени на пиедестал, да добијат заслужено внимание и можност да допрат до поширока публика. Во време кога масовната продукција и индустриското производство доминираат на пазарот, важно е да создадеме простор во кој рачната изработка, автентичноста и индивидуалниот пристап повторно ќе добијат вредност. Нашата цел е да им помогнеме на локалните творци да станат повидливи, да ја препознаеме вредноста на нивниот труд и да покажеме дека постојат алтернативи на масовното производство. Веруваме дека поддршката на локалните занаетчии не е само поддршка на мали бизниси, туку и вложување во креативноста, локалната економија и културата на создавање“, истакнува Ирина Михајлова, основачка на SHF – Second Hand Faves, здружение за циркуларна култура, колекционерство и одржлив развој.

Програмата на Skopje Design Week 2026 ќе опфати и четири предавања на архитекти и дизајнери од Австрија, Англија, Грција и Македонија, како и две панел-дискусии посветени на предизвиците со кои се соочуваат малите креативни бизниси и фриленс уметниците и дизајнерите.

Посебно место имаат и најмладите посетители, за кои се предвидени две детски претстави. Со оваа содржина фестивалот ја проширува својата публика и ја потврдува идејата дека креативноста, љубопитноста и односот кон создавањето се вредности што се градат уште од најрана возраст.

„Crafting Tomorrow“ е концепт што ги поврзува традиционалните занаетчиски техники со современите дизајнерски практики, рачната изработка со новите технологии, локалното наследство со глобалните тенденции. Во неговото средиште се материјалот, процесот, деталот и човечкиот допир, но и одговорноста што ја носиме кон ресурсите, производството и животната средина.


Со своето тринаесетто издание, Skopje Design Week продолжува да ја развива локалната дизајнерска и креативна сцена, истовремено отворајќи ја кон европските текови и меѓународната соработка. Фестивалот и годинава ја потврдува својата улога како платформа за средба на различни генерации, професии и креативни дисциплини, но и како простор во кој дизајнот се препознава како активен чин на обликување на нашето секојдневие и иднината што ја создаваме.

е-Трн да боцка во твојот инбокс