Нови судири во Тирана: студентите бараат Рама да поднесе оставка

Полицијата употребила водени топови и солзавец, додека дел од демонстрантите фрлале камења, петарди и молотови коктели.

Студентскиот протест во Тирана денеска, 7 ноември, прераснал во судири со полицијата пред седиштето на премиерот Еди Рама. Студентите и поддржувачите на опозицијата побарале негова оставка, а полицијата интервенирала со водени топови и солзавец.

Собирот започнал во 14 часот пред Министерството за образование. Студентите, организирани во групата „Студенти на протест“, извикувале пароли против владата, меѓу кои „Албанија им припаѓа на Албанците“.

Според „Албенијан дејли њуз“, на кој се повикува „Слободен печат“, студентската група ја продолжува кампањата за заминување на Рама повеќе од 150 дена.

Студентскиот протест во Тирана добил поддршка од опозицијата

Поддржувачите на опозициската Демократска партија претходно се собрале пред седиштето на премиерот, а потоа тргнале кон Министерството за образование за да им се приклучат на студентите. За време на маршот скандирале „Со студентите сме“.

Тензиите ескалирале пред премиерското седиште, каде што демонстрантите и полицијата се судриле.

Според извештајот, дел од демонстрантите фрлале камења, петарди и молотови коктели, а кон полицајците биле насочувани и ласерски зраци. На улицата биле истурени вреќи со камења.

Полицијата употребила водени топови и солзавец за да ја растера толпата. И по интервенцијата, судирите продолжиле, а ситуацијата пред владините згради останала напната.


Главното барање на студентите и опозициските демонстранти останува оставка од премиерот Еди Рама.

е-Трн да боцка во твојот инбокс