Безбедноста околу историскиот плоштад Тјенанмен во Кина со денови е засилена, а на социјалните мрежи кружат гласини за специјална парада или некаков голем внимателно организиран настан. Подготовките за големиот настан започнаа тивко, но Кина очигледно е подготвена да приреди голем спектакл за американскиот претседател Доналд Трамп. Предвидени се разговори меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг, банкет и посета на Храмот на небото, комплекс на царски храмови каде што владетелите се молеле за добра жетва.
И Трамп и Си Џинпинг сигурно ќе се надеваат дека посетата ќе вроди со плод. Средбата на двајцата најмоќни светски лидери би можела да стане една од највлијателните за многу години што следуваат. Ова е прва посета на американски претседател од последната посета на Трамп во 2017 година. Со месеци, односите меѓу Соединетите Американски Држави и Кина беа ниско на листата на приоритети на Трамп.
Неговото внимание беше насочено кон тековната војна со Иран, воените операции на Западната хемисфера и домашните прашања. Но, сето тоа ќе се промени оваа недела.
Влогот е иднината на светската трговија, растечките тензии околу Тајван и конкуренцијата во напредните технологии.Економски гледано, тековната трговска војна со САД и конфликтот во Иран можеби се лоши вести за Си Џинпинг, но идеолошки и политички тие се подарок и тој ќе чувствува дека има силни адути во рацете. Оваа посета би можела да ги постави темелите за идна соработка, или конфликт во годините што доаѓаат.
Кина се обидува тивко да се наметне како мировник во војната што влезе во третиот месец. Таа му се приклучи на Пакистан како посредник во американско-израелската војна против Иран. Официјалните лица во Пекинг и Исламабад во март претставија план од пет точки со цел постигнување примирје и повторно отворање на Ормускиот Теснец, клучна поморска рута за транспорт на нафта и течен природен гас.
Зад сцената, кинеските функционери внимателно почнале да ги насочуваат иранските колеги кон преговарачката маса.Нема сомнеж дека, и покрај постојаното демонстрирање сила, Кина сака да заврши блискоисточниот конфликт. Кинеската економија веќе се бори со побавен раст и повисока невработеност. Растот на цената на нафтата ги зголеми трошоците на производите направени со петрохемија, од текстил до пластика.
За некои производители во Кина, трошоците пораснале за 20 проценти.
Кина има значителни резерви на нафта, а предноста што ја стекна во обновливата енергија и електричните автомобили ја заштити од најтешките последици на горивната криза, но војната сепак ѝ нанесува штета на забавената кинеска економија, која во голема мера зависи од извозот. Но, ако Кина ѝ помогне на Америка, ќе сака нешто за возврат.
Посетата на иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи на Пекинг минатиот викенд изгледаше како внимателно режирана демонстрација на влијанието што Кина го има на Блискиот Исток. САД внимателно го следеа развојот на настаните.
„Се надевам дека Кинезите ќе му го кажат она што треба да му се каже“, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио.
„Тоа што го правите во Ормускиот Теснец ве прави изолирани во светот. Вие сте негативците во сето ова.“
САД исто така се обиделе да ја убедат Кина да не блокира нова резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се осудуваат иранските напади врз бродови што се обидуваат да поминат низ Ормускиот Теснец, откако Кина и Русија ставија вето на претходниот предлог.
„Ако сакаме трајно да го вратиме Иран на преговарачката маса, САД мора да признаат дека Кина ќе има одредена улога во тоа“, вели Али Вин од Меѓународната кризна група.
Трамп изгледаше невознемирен од блиските односи меѓу Пекинг и Техеран.
Иако САД неодамна воведоа санкции против кинеска рафинерија поради транспорт на иранска нафта, Трамп минатата недела ја минимизираше важноста на кинеската поддршка за Иран.
„Таков е светот, нели? И ние правиме работи против нив“, изјави тој.
Иднината на Тајван
Администрацијата на Трамп испраќа спротивставени сигнали кога станува збор за Тајван. Во декември минатата година, САД најавија договор за оружје со Тајван вреден 11 милијарди долари, што ја налути кинеската влада.Но, Трамп ја минимизираше американската подготвеност да го брани Тајван, за кој Кина тврди дека е нејзина територија.
„Тој го смета за дел од Кина“, рече Трамп за Си Џинпинг, „и од него зависи што ќе прави понатаму.“
Трамп исто така изјави дека Тајван не ѝ возвраќа доволно на Америка за безбедносните гаранции, додавајќи: „Не ни дава ништо.“
Минатата година воведе царина од 15 проценти за Тајван и го обвини дека ја „краде“ индустријата за полупроводници од САД.
Минатата недела, Марко Рубио изјави дека Тајван ќе биде тема на разговорите за време на посетата на Кина, но дека целта е да се избегнат нови тензии меѓу двете суперсили.
„Не ни се потребни дестабилизирачки настани околу Тајван или каде било во Индо-Пацификот“, рече тој.
Кина сигнализираше дека Тајван е приоритет во овие преговори. По телефонскиот разговор со Рубио, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји изјави дека се надева оти САД „ќе го направат вистинскиот избор“. Пекинг го засилува воениот притисок со речиси секојдневно испраќање воени авиони и бродови околу Тајван.
Некои аналитичари веруваат дека кинеските функционери вршат притисок да се промени внимателно формулираниот речник за Тајван од 1982 година.
Поголемиот дел од 2025 година, Америка и Кина изгледаа како да се на работ на нова трговска војна што би можела да ја потресе светската економија. Трамп постојано ги зголемуваше и намалуваше царините кон најголемиот американски трговски партнер, понекогаш достигнувајќи повеќе од 100 проценти. Кина возврати со ограничување на извозот на ретки минерали кон САД и со ограничување на купувањето американски земјоделски производи, што ги погоди фармерите во клучните држави кои гласаа за Трамп.
Тензиите значително се намалија откако Трамп и Си Џинпинг се сретнаа лице в лице во Јужна Кореја во октомври минатата година. Одлуката на Врховниот суд на САД од февруари, која ја ограничи едностраната моќ на претседателот, исто така помогна да се ограничат непредвидливите трговски потези на Трамп. Трамп и Си Џинпинг сепак ќе имаат многу теми за разговор.
Американскиот лидер ќе сака Кина повеќе да купува американски земјоделски производи. Кина, пак, сигурно ќе врши притисок САД да се откажат од неодамна најавената трговска истрага за нефер деловни практики, која би можела повторно да отвори пат за повисоки царини за кинеската стока.
„Може да биде тешко Америка да се откаже од истрагата за нефер кинеските трговски практики, имајќи предвид колку тие сè уште се распространети и штетни“, вели Мајкл О’Ханлон.
Администрацијата на Трамп, според Ројтерс, ги поканила директорите на големи компании како Нвидија, Епл, Ексон и Боинг да му се придружат на патувањето. Иако Кина повеќе не зависи толку од американската трговија како во првиот мандат на Трамп, Си Џинпинг ќе сака средбата да помине добро бидејќи на Кина ѝ е потребна стабилност во светската економија. Кина сега е главен трговски партнер на повеќе од 120 земји, но Си Џинпинг знае дека не смее да изгледа премногу самоуверено за време на посетата на Трамп.
Иднината на вештачката интелигенција
Кина е во трка за иднината. Таа вложува огромни средства во вештачка интелигенција и хуманоидни роботи. Тоа е дел од она што Си Џинпинг го нарекува „нови продуктивни сили“, за кои се надева дека ќе ја турнат кинеската економија напред. Многу американски носители на одлуки, сепак, веруваат дека официјалната кинеска политика е присвојување или директна кражба на американска технологија со цел развој на домашните индустрии. Ова, на пример, доведе до ограничувања за извоз на најновите микропроцесори, и покрај приговорите од американските производители.
„Чип-дипломатијата“ ќе биде клучен дел од преговорите.
Успешното решавање на прашањето за кинеската сопственост и управување со популарната апликација ТикТок беше редок позитивен пример во американско-кинеските технолошки односи. Оваа динамика најмногу се гледа во трката за развој на системи за вештачка интелигенција, можеби најважниот технолошки развој на современото време. Дополнителен проблем се американските обвинувања дека кинески компании како ДипСик крадат американска вештачка интелигенција.
„Се појавува воведно поглавје во студената војна околу вештачката интелигенција“, вели Џингји Ма од Центарот „Џон Л. Торнтон“ при Институтот Брукингс.
Кинеските роботи можат да изведуваат боречки движења во стилот на кунг-фу и да трчаат побрзо од луѓето на маратони во Пекинг. Но, иако кинеските компании успешно ги развиваат телата на роботите, многу од нив сè уште работат на „мозокот“ на овие креации. За да ги изградат најдобрите системи, на кинеските компании им се потребни најквалитетни компјутерски чипови, а тие доаѓаат од САД. Тука Пекинг би можел да ја искористи својата предност со ретките минерали, критичен сектор по кој Трамп очигледно копнее.
Кина обработува 90 проценти од светските ретки минерали, клучни за модерната технологија од паметни телефони и ветерни електрани до млазни мотори. Затоа, можеби ќе биде потребен договор. Америка би можела да добие кинески ретки минерали во замена за најдобрите чипови. Тоа е некаков кинески Ормуски Теснец – Кина може да ја запре испораката во секој момент. Поради сите политички теми што двете страни треба да ги покријат, посетата на Трамп ќе биде интензивна дипломатска турнеја, со средби и настани закажани за 14 и 15 мај.
Можеби нема да има многу време за големи договори, но дури и толку кратка средба би можела да ја одреди насоката на преговорите и односите меѓу двете суперсили за долг период.