Трамп објави мапа од Венецуела со американско знаме: „51. држава“

Американскиот претседател Доналд Трамп објави мапа од Венецуела покриена со американско знаме и порака „51. држава“, додека во Вашингтон растат шпекулациите за можна американска контрола врз земјата и нејзината нафтена индустрија.

Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Truth Social објави мапа од Венецуела покриена со американско знаме, со кратката порака: „51. држава“. Објавата доаѓа во момент кога, според извештаи од Вашингтон, Трамп сериозно ја разгледува идејата за припојување на Венецуела кон Соединетите Американски Држави.

Планот на Трамп, според медиумските информации, вклучува целосно преземање контрола врз венецуелската нафтена индустрија, по соборувањето од власт на долгогодишниот претседател Николас Мадуро.Во неодамнешно телефонско интервју за Fox News, Трамп изјави дека Венецуела располага со нафтени резерви чија вредност се проценува на 40 билиони долари.

„Венецуела го сака Трамп“, изјавил американскиот претседател, додавајќи дека ужива силна поддршка кај населението во земјата.

Падот на Мадуро и американскиот надзор

Да потсетиме, американските воени сили го уапсија Николас Мадуро во јануари годинава, откако Министерството за правда на САД покрена обвинение против него за нарко-тероризам. Набргу потоа, Трамп објави дека САД ќе ја надгледуваат Венецуела за време на транзицискиот период, во соработка со потпретседателката Делси Родригез.

Главна цел на американската администрација е повторно активирање на работењето на нафтените гиганти ExxonMobil и ConocoPhillips. Овие компании беа принудени да ја напуштат Венецуела пред речиси 20 години, откако поранешниот претседател Уго Чавез ја национализираше нафтената индустрија. Chevron остана единствената голема американска нафтена компанија која продолжи да работи во Венецуела.

Нафтата повторно тече, Белата куќа задоволна

Претставници на администрацијата и енергетски советници со месеци ги убедувале големите нафтени компании повторно да инвестираат во Венецуела. Под американско управување со нафтениот сектор, извозот на Венецуела во април надминал еден милион барели дневно, што се случило првпат од 2018 година.

Портпарол на Белата куќа ги пофали зајакнатите односи меѓу двете земји, нагласувајќи дека Трамп има клучна заслуга за економското закрепнување на Венецуела. Трамп уште во март ги поттикна шпекулациите за можна анексија кога на Truth Social напиша: „ДРЖАВНОСТ, #51, НЕКОЈ?“

Родригез ја отфрли идејата: „Ние сме независни“

Сепак, идејата Венецуела да стане 51. сојузна држава на САД не наиде на поддршка кај сите. Делси Родригез категорично ја отфрли можноста, истакнувајќи дека Венецуелците над сè ја ценат својата независност и никогаш не би прифатиле да станат дел од Соединетите Американски Држави.

Вреди да се напомене дека Венецуела не е единствената територија за која Трамп јавно зборувал во контекст на припојување или купување. На списокот се наоѓаат и Гренланд, Канада, Куба и Панама. Најновата објава со мапата јасно покажува дека Трамп нема лесно да се откаже од идејата за проширување на американското влијание кон југ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс