Повеќе од еден век останува отворено прашањето дали „Ѕвездена ноќ“, ремек-делото на Винсент ван Гог, е производ на спонтаната уметничка имагинација или претставува реалистичен приказ на ноќното небо. Претходните астрономски толкувања беа ограничени од традиционалното датирање на сликата во јуни 1889 година, што доведуваше до противречни заклучоци, бидејќи српот на Месечината на платното не се совпаѓаше со астрономските пресметки.
Сè се совпаѓа
Нова мултидисциплинарна студија нуди поинаков одговор. Истражувачите примениле квантитативни методи, меѓу кои и Прокрустова анализа на облиците, за да ја споредат геометријата на ѕвездените групи со метеоролошките записи и писмата на уметникот.
Користејќи го ограниченото видно поле реконструирано врз основа на претходна скица на Ван Гог од истиот предел, научниците утврдиле дека во зората околу 22 јули 1889 година опаѓачкиот срп на Месечината, Венера и ѕвезденото јато Хијади биле распоредени токму онака како што се прикажани на сликата.
До истиот временски период воделе и независни извори на податоци: геометријата на небесните тела, историските временски извештаи и описите на годишните времиња во писмата на уметникот.
Релативните положби на ѕвездите се совпаѓаат со висока статистичка сигурност, и покрај уметничките преувеличувања на сликата, како што се извртени линии и ѕвезди прикажани поголеми отколку што изгледаат на небото.
Каде завршува набљудувањето, а почнува имагинацијата?
Во едно од своите писма, самиот Винсент ван Гог го опишал својот пристап како преувеличување на распоредот од уметничка перспектива. Тоа подразбира дека постои реален објект што уметникот потоа го засилува или го преобразува преку својата визија.
Истражувањето сугерира дека набљудувањето и имагинацијата не се исклучуваат меѓусебно, туку коегзистираат на истото платно. Со тоа се доведува во прашање претпоставката дека небото на „Ѕвездена ноќ“ е целосно измислено.
Сепак, авторите на студијата, објавена во научното списание „Сајентифик рипортс“ (Scientific Reports), нагласуваат дека нивните заклучоци имаат одредени ограничувања.
Небото на сликата можеби обединува впечатоци собрани во текот на неколку последователни ноќи околу 22 јули, а не нужно од една конкретна зора. Дополнително, метеоролошките записи од 19 век не биле прецизни како денешните, а геометриското совпаѓање требало да се потврди и преку други фактори, меѓу кои условите на видливост и идентификацијата на Венера.
И покрај овие ограничувања, истражувањето отвора нови можности за проверка на хипотезите во историјата на уметноста со помош на прецизни физички анализи. Авторите сметаат дека сличен пристап наскоро би можел да се примени и при проучувањето на други дела на Ван Гог.
