Дали клима-уредите навистина можат да ве разболат?

Експертите објаснуваат дали клима-уредите навистина предизвикуваат настинки и болки во грлото, или причината е нешто сосема друго. Дознајте како правилното користење на клима може да ги спречи непријатните симптоми.

Многу луѓе веруваат дека клима-уредите се директна причина за настинки, болки во грлото и главоболки, особено во летните горештини. Сепак, лекарите и пулмолозите објаснуваат дека климата сама по себе не предизвикува инфекции. Според експертите, вирусните заболувања како настинка и грип се предизвикани од вируси, а не од ладниот воздух. Тоа значи дека влегувањето во разладена просторија не може да ве „разболи“, но може да предизвика одредени непријатности.

Еден од најчестите проблеми е сувиот воздух што го создава климатизацијата. Тој може да ги исуши слузниците во носот и грлото, што доведува до чувство на гребење, суво грло и иритирани очи. Овие симптоми често погрешно се толкуваат како почеток на настинка. Дополнителен ризик претставуваат и нечистите филтри. Доколку клима-уредот не се чисти редовно, во него може да се насоберат прашина, полен и мувла, кои потоа циркулираат во просторијата и можат да предизвикаат алергиски реакции.

Проблем може да биде и наглата промена на температурата. Преминување од екстремна жештина на многу ниска температура во затворен простор може да предизвика главоболка, замор и чувство на слабост, особено кај чувствителни лица. Затоа експертите препорачуваат умерена употреба на клима-уредите. Идеалната разлика меѓу надворешната и внатрешната температура треба да биде до 6–8 степени, а уредот редовно да се чисти и одржува.

Со правилна употреба, климата останува безбеден и корисен начин за разладување во летните горештини, без ризик за здравјето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс