Системот „Безбеден град“ станува еден од главните механизми за откривање и санкционирање на сообраќајните прекршоци во Македонија. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во првите четири месеци од неговата примена на ниво на целата држава се издадени повеќе од 11.000 казни за брзо возење, со глоби кои, зависно од тежината на прекршокот, се движат од 15 до 300 евра.
Само на подрачјето на СВР Скопје, во периодот од 2 февруари до 22 јуни, системот регистрирал 58.279 сообраќајни прекршоци. Од нив, дури 54.160 се однесуваат на брзо возење, 3.028 се за управување возило со истечена сообраќајна дозвола, а 1.091 прекршок е за минување на црвено светло.
Од МВР посочуваат дека сите камери на системот „Безбеден град“ се целосно функционални и континуирано ги евидентираат прекршоците. Според Министерството, целта на системот не е само казнување, туку и зголемување на безбедноста во сообраќајот. Во периодот од февруари до јуни, бројот на загинати лица во сообраќајни несреќи е намален за 40 проценти во споредба со истиот период минатата година.
Надлежните апелираат возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и ограничувањата на брзината, нагласувајќи дека автоматизираниот систем продолжува со 24-часовен мониторинг на сообраќајот и санкционирање на прекршителите.