Европа казнува за гласна музика, резервирање со крпа и шетање по бикини

Оставањeто работи на песок пред 9:30 часот чини 250 евра, додека за несоодветна облека надвор од плажите следуваат казни и до 1500 евра.

Масовниот туризам и заштитата на околината принудија многу туристички дестинации да воведат строги правила за однесување ова лето. Посетителите на европските плажи се соочуваат со високи парични санкции за низа прекршоци, од зафаќање простор во раните утрински часови до слушање гласна музика и шетање по костим за капење низ градските улици.

Шпанскиот град Калпе на Коста Бланка воведе казна од 250 евра за оставање чадори и лежалки на песокот пред 9:30 часот наутро. Локалната полиција ги одзема предметите, а истата судбина ја чека и опремата оставена без надзор подолго од три часа. Грција целосно забрани поставување привремени објекти и изнајмување лежалки на дури 251 плажа. На Сардинија, плажата Пелоси воведе правило за задолжителна подлога под крпите која спречува задржување на песокот, прекршок кој се казнува со 100 евра на лице место.

Повеќе од 600 шпански плажи го забранија пушењето, вклучувајќи ги Барселона и Балеарските острови. Франција ја воведе истата мерка лани со казна од 135 евра.

Шетањето по костими за капење низ градовите исто така повлекува сериозни санкции, правило кое е особено важно за македонските туристи кои летуваат во регионот. Сплит, Дубровник и Хвар казнуваат до 150 евра за движење без горен дел од облеката. Португалска Албуфеира има најстрога политика каде казната достигнува 1500 евра. Во италијанскиот Соренто ќе платите до 500 евра за слична лежерност низ улиците.

Португалија реши радикално да се справи со преносливите звучници. Поединците кои пуштаат гласна музика се соочуваат со казни од 200 до 4.000 евра, додека групите можат да платат до 36.000 евра, со дополнително одземање на опремата.

Шпанскиот град Виго наплаќа 750 евра за уринирање во морето или на плажата, мерка која од оваа година ја применува и Марбеља на своите 25 општински капалишта.

Животните исто така подлежат на ограничувања. Пристапот за кучиња е забранет во текот на денот на повеќето плажи со Сино знаме низ Европа. Најнеобичното правило доаѓа од францускиот град Гранвил каде од 2009 година е забрането носење слонови на плажа, откако еден циркус оставил огромна количина измет по капењето на животните.

е-Трн да боцка во твојот инбокс