Канада приреди вистинска голгетерска демонстрација и со убедливи 6:0 (3:0) го совлада Катар во второто коло од групата B на Светското првенство 2026. Домашната селекција во Ванкувер уште од самиот почеток го презеде контролата врз натпреварот и поведе во 16. минута преку Кајл Ларин, кој најдобро реагираше по еден одбиен удар и го отвори резултатот.
Само 13 минути подоцна, Џонатан Дејвид го постигна првиот од своите три гола и го најави убедливиот триумф на Канада. Пресвртница во натпреварот беше црвениот картон на Хомам Ахмед во 33. минута, по што Катар остана со играч помалку. Пред крајот на првото полувреме, Дејвид повторно погоди и на пауза Канада замина со предност од 3:0.
Во второто полувреме Катар целосно се распадна. Во 53. минута уште еден директен црвен картон доби Асим Мадибо, по што натпреварот практично беше решен. Канада продолжи со доминација и ја зголемуваше предноста без поголеми проблеми.
Натанаел Салиба погоди од слободен удар за 4:0, потоа следуваше автогол на катарски играч за 5:0, а конечните 6:0 ги постави Џонатан Дејвид со својот хет-трик во судиското продолжение. Натпреварот беше дополнително обележан и со сериозна повреда на канадскиот играч Исмаел Коне, кој по остар старт мораше да биде изнесен на носилки.
Со оваа победа, Канада го презеде првото место во групата со 4 бода и подобра гол-разлика, пред Швајцарија. Босна и Херцеговина сега се наоѓа во тешка позиција со само еден бод и во последното коло мора да брка победа против Катар, додека истовремено ќе зависи и од резултатот меѓу Канада и Швајцарија.