На 6 август 1945 година, во 8:15 часот по локално време, американскиот бомбардер Б-29 „Инола Геј“ ја фрли атомската бомба „Литл Бој“ врз јапонскиот град Хирошима. Експлозијата, која се случи на околу 580 метри над градот, за неколку секунди усмрти меѓу 70.000 и 80.000 луѓе. До крајот на годината, бројот на жртвите, вклучувајќи ги и оние што починале од изгореници и последици од радијацијата, достигнал околу 140.000. Тоа беше првата употреба на нуклеарно оружје во војна и настан што трајно ја промени светската историја. Годинава се навршуваат 81 година од бомбардирањето.

Патот до одлуката
До летото 1945 година Германија веќе капитулирала, а војната во Европа завршила. Но Јапонија и натаму ги одбивала условите од Потсдамската декларација. Американското разузнавање проценувало дека земјата има распоредено повеќе од 560.000 војници, илјадници авиони и бродови подготвени за самоубиствени мисии, очекувајќи ја сојузничката инвазија.
И покрај тоа што стотици илјади цивили веќе загинале во бомбардирањата и од глад, јапонската влада не покажувала подготвеност за капитулација. Американскиот претседател Хари Труман, откако бил информиран за успехот на тајниот Менхетн проект, ја издал Потсдамската декларација со барање за безусловна капитулација и предупредување за „брзо и целосно уништување“. Кога одговор не пристигнал, била донесена одлуката за употреба на атомската бомба.
Утрото кога градот исчезна
Во раните утрински часови на 6 август, три американски бомбардери полетале од островот Тинијан. „Инола Геј“, под команда на полковникот Пол Тибетс, ја носел бомбата „Литл Бој“, тешка речиси 4,5 тони. Во Хирошима денот започнал сосема вообичаено. Луѓето оделе на работа, а децата на училиште. Во 8:15 часот бомбата експлодирала со сила еквивалентна на околу 12,5 килотони ТНТ. Температурата достигнала неколку илјади степени, бронзените статуи се стопиле, кровните ќерамиди се споиле, а кожата на луѓето била изгорена од силното топлинско зрачење. За само неколку секунди, речиси пет квадратни километри од центарот на градот биле целосно уништени.

Преживеаните сведочеле за пекол
Оние што ја преживеале првата експлозија биле погодени од разорниот ударен бран, кој уништил речиси сè во радиус од околу еден и пол километар. Илјадници луѓе останале затрупани под урнатините или тешко изгорени.До вечерта пожарите постепено згаснале, не затоа што биле изгаснати, туку затоа што речиси немало што повеќе да гори. Хирошима практично престанала да функционира како град.
И покрај размерите на катастрофата, Јапонија не капитулирала веднаш. На 9 август 1945 година, САД ја фрлиле и втората атомска бомба, овој пат врз Нагасаки. Истовремено, Советскиот Сојуз ѝ објавил војна на Јапонија. Само неколку дена подоцна, на 15 август, императорот Хирохито ја соопштил одлуката за безусловна капитулација, со што завршила Втората светска војна на Пацификот.
Дебата што трае повеќе од осум децении
Одлуката за употреба на атомските бомби и денес е една од најконтроверзните теми во современата историја.
Поддржувачите тврдат дека бомбардирањата ја скратиле војната и спречиле уште поголеми човечки загуби кои би следеле при копнена инвазија на Јапонија. Критичарите, меѓу кои имало и научници од Менхетн проектот, сметаат дека нападите врз градови со претежно цивилно население претставувале непропорционален и морално неприфатлив чин, особено затоа што Јапонија веќе била во сериозна воена и економска криза.

Наследство што сè уште го обликува светот
Денес Хирошима е модерен град и симбол на мирот. Паркот на мирот и Меморијалниот музеј секоја година потсетуваат на трагедијата што засекогаш го промени градот, но и светот. Осум децении подоцна, Хирошима останува симбол на опасностите од нуклеарното оружје. Бомбардирањето не само што стави крај на една војна, туку ја отвори и нуклеарната ера, период во кој самото постоење на атомското оружје стана клучен фактор во меѓународната политика и глобалната безбедност.
Нуклеарни тестирања денес
Над 2.000 нуклеарни тестови беа спроведени по 1945 година, што придонесе за ширење на нуклеарно оружје и развој на арсенали многу помоќни од бомбите што беа фрлени врз Хирошима и Нагасаки.

По децениски јавни кампањи и мултилатерални преговори, Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови (CTBT) беше отворен за потпишување во септември 1996 година.
Договорот ги забранува сите експлозии на нуклеарни тестови насекаде, од секого и засекогаш. Иако придржувањето кон CTBT е речиси универзално, за тој да стапи во сила, тој мора да биде ратификуван од сите 44 држави наведени во неговиот Анекс 2, за кои сè уште се потребни девет ратификации.
Меѓународен систем за следење (IMS) за да се осигура дека ниту една нуклеарна експлозија нема да биде сокриена. Податоците собрани од IMS служат за повеќе цели, вклучително и ублажување на катастрофи, како што се следење на земјотреси и предупредување за цунами. Дополнително, поддржува истражување во различни области, почнувајќи од миграција на китови, студии за климатски промени, до предвидување монсунски дождови.
Помеѓу сеќавањето и предупредувањето – Хирошима, Нагасаки и денешниот свет
На 6 август 1945 година, светот влезе во нова ера, ера на нуклеарна моќ, но и на незамислива човечка трагедија. Атомската бомба фрлена врз Хирошима, а три дена подоцна и врз Нагасаки, не само што го означи крајот на Втората светска војна, туку и почетокот на глобалната нуклеарна закана која сè уште не е надмината.
Во денешниот геополитички контекст, каде што нуклеарното оружје повторно се користи како средство за заплашување и стратегиска доминација, сведоштвата на преживеаните – хибакуша, се поважни од кога било. Нивните приказни не се само сеќавања, туку предупредувања.
Како што рече еден од нив: „Кога ја преживеав бомбата, постоеја само три нуклеарни оружја. Денес има над 12.000.“
И покрај напредокот во меѓународните договори, како што е Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови (CTBT), кој сè уште не е целосно ратификуван, светот се соочува со нови предизвици – повлекување на земји од договори, нови тестирања, и зголемена поддршка за нуклеарна стратегија во некои региони. Во оваа атмосфера, сеќавањето на Хирошима и Нагасаки не е само историска обврска – тоа е морална потреба. Тоа е потсетник дека човечката цена на нуклеарната војна е неподнослива, и дека мирот не се гради со закани, туку со разбирање, соработка и хуманост.