Појавата на првите животни со дигестивен систем пред повеќе од 500 милиони години не донела само нов начин на исхрана, туку радикално го променила хемискиот состав на древните океани. Нова научна студија покажува дека организираниот животински измет одиграл клучна улога во чистењето на водата и преносот на хранливи материи до морското дно. Овој процес создал услови за нагол развој на сложени животински форми за време на таканаречената камбриумска експлозија.
Пред појавата на животинските видови со комплетен дигестивен тракт, органскиот отпад во океаните се стостоел од ситни, лесни честички. Овие честички лебделе во горните слоеви на водата и многу бавно паѓале кон дното.
Додека лебделе, бактериите го разградувале тој отпад и го трошеле целиот растворен кислород во горните слоеви. Океаните биле заматени, темни и сиромашни со кислород во подлабоките зони. Тоа го ограничувал животот главно на едноклеточни организми и едноставни структури на самата површина.
Работите се промениле кога древните животни почнале да го згуснуваат отпадот во поголеми и потешки единки. Новата студија на истражувачите Џулијан Кимиг и Расел Бикнел, објавена во списанието Trends in Ecology & Evolution, објаснува дека овие фекални пелети брзо паѓале кон морското дно поради нивната поголема маса.
Со тоа што отпадот експресно паѓал на дното, горниот слој од океанот конечно се исчистил. Сончевата светлина почнала да продира подлабоко, што овозможило поголема фотосинтеза и зголемување на нивото на кислород во водата.
Со падот на изметот на дното, органскиот јаглерод, азотот и фосфорот станале достапни за организмите што живееле во длабочините. Морското дно, кое дотогаш било речиси пусто, прераснало во богато живеалиште за нови видови.
Овој процес создал позитивна повратна спрега. Повеќе храна на дното овозможило развој на посложени организми, кои потоа произведувале повеќе измет и дополнително ги збогатувале океанските екосистеми. Палеонтолозите заклучуваат дека токму овој едноставен биолошки механизам овозможил геохемиски услови за експлозивно ширење на животот на Земјата.