Слаткаристика го наполни „Билјанини извори“ со концерт за паметење во Охрид

Слаткаристика го наполни стадионот „Билјанини извори“ во Охрид на големиот концерт што го одржа на Илинден, пред публика од сите генерации.

Концертот започна со детски хор кој ја изведе песната „Да полетам“, а уште од првите минути беше јасно дека ова ќе биде вечер исполнета со емоции, гости, изненадувања и хитови што публиката ги пееше во еден глас.

Калиопи го нарече „херој од денешно време“

Една од гостинките на концертот беше Калиопи, која Слаткаристика ја најави со голема почит и возбуда.

„Не знам како ми успеа да снимам песни со најголемата наша музичка ѕвезда. Има нешто по кое сум им симпатичен. Кога ми се јави да соработуваме, не можев да поверувам дека е вистина“, рече Слаткаристика.

Тој се потсети и на една Нова година што ја славел со пријатели кога имал 14 години, период во кој „Обои ме“ на Калиопи била голем хит. Раскажа дека тогаш ја пуштил песната околу 20 пати, момент што предизвика силна реакција кај публиката.

Калиопи, пак, го нарече Слаткаристика „херој од денешно време“, а нивниот заеднички настап беше еден од моментите што концертот го направија посебен.

Најемотивниот момент: „Насмевка“ за синот Моша

„Овој човек го сакам најмногу на светот“, рече Слаткаристика за својот шестгодишен син Моша, кого го повика на сцената.

Потоа му ја испеа „Насмевка“, песната што му ја напиша токму нему. Тоа беше најемотивниот момент на вечерта и делот од концертот што доби најмногу аплаузи.

Емоциите продолжија и за време на песната „Кажи да“, кога Слаткаристика ѝ пријде на својата сопруга Сања Николиќ и ѝ ја запеа песната со која ја запросил.

Тони Зен, Цоби, Криско, „Некст тајм“ и голема фестивалска атмосфера

На сцената му се придружи и Тони Зен, кого Слаткаристика го нарече свој брат и човек кој пред 18 години му подал рака и го поддржал. Тони Зен беше првиот гостин, но и еден од највпечатливите настапи на вечерта.

Младата публика бурно го поздрави српскиот рапер Цоби, кој најави дека наскоро ќе одржи концерт во Македонија. Настапи и бугарскиот рапер Криско, кој ѝ порача на публиката: „Ја сакам Македонија“, а потоа заедно со присутните ја испеа „Македонско девојче“.

„Некст тајм“ го честитаа Илинден со нивната хит-преработка на „Ја излези Ѓурѓо“, а публиката гласно ја пееше и „Бисер балкански“ од Гоце Николовски. Заедно со Слаткаристика го изведоа и хитот „Океани“, кој тој им го посвети на „нашите браќа и сестри кои не се во Македонија на Илинден“.

Поддршка за колегите и настапи што ја кренаа публиката

Слаткаристика на сцената го повика и бендот „Дупер“, кој го нарече македонските „Битлс“ и „Колдплеј“. По хитот „Може, може“ и дуетот „ОК“, тој ја повика публиката да дојде на концертот на „Дупер“ на 5 август во Античкиот театар во Охрид.

За Христијан Настески-Пајак рече дека е омилен на неговиот син, а публиката топло го поздрави пејачот од Охрид. По настапот на Тајзи, младите бараа уште, а голема еуфорија предизвикаа и „2Бона“.

Во песната „Госпоѓа Сара“, изненадување беше Тина Русева, струмичанката која живее во Германија и победи на натпреварот „Гласот на Европа“. Настанот го отвори рап-групата „Зи бомб“, а гостин беше и диџеј Че, братот на Слаткаристика.

Почит за Тоше, Влатко Илиевски, „ДНК“ и Владо Јаневски

При крајот на концертот, Слаткаристика испрати порака за добрината и за тоа што значи човек да остане на вистинската страна.

„Доброто со добро се враќа, другото не е опција. Сум пробал и од едното и од другото, но секогаш треба да се свртиме кон доброто“, рече тој.

Тој ја пофали и „Прагма продукција“, нагласувајќи дека организирале концерт на македонски музичар токму на Илинден.

„Ова е голем ден и треба ваквите концерти да станат традиција“, порача Слаткаристика.

Со песни и фотографии на видеобим, тој им оддаде почит на Тоше Проески, Влатко Илиевски, „ДНК“ и Владо Јаневски. Со насолзени очи, испеа дел од „Што и да е ќе помине“, баладата на Владо Јаневски, кого го нарече свој омилен македонски поп-пејач.

Стадионот се претвори во ѕвездено небо

Концертот заврши со најголемиот хит на Слаткаристика, „Да полетам“, песна што го претвори стадионот во ѕвездено небо.

Публиката си замина насмеана и распеана, по вечер која покажа дека момчето кое скромно почна како локален рапер од Ново Лисиче денес е голема македонска ѕвезда што полни стадиони.

е-Трн да боцка во твојот инбокс