„Ќе ви ги убиеме децата“: Морничави закани кон новинари во Србија по откривањето врски меѓу власта и криминалци

„Ни се закануваат дека ќе ни ги убијат децата. Одвратни закани. И Милан и јас очекувавме закани, за жал, но не очекувавме да бидат толку одвратни“, изјавил Цвијиќ за телевизијата Н1.

Смртни закани, закани за мачење и сексуално насилство врз деца добиле двајца истражувачки новинари на српскиот неделник „Радар“, откако објавиле текст за наводни директни врски меѓу претставници на власта и криминални структури, поткрепен со комуникации преку криптираната апликација „Скај“. Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) бара итна реакција од полицијата и обвинителството, предупредувајќи дека заканите достигнале загрижувачко ниво.

Новинарите Вук Цвијиќ и Милан Радоњиќ со години истражуваат организиран криминал, корупција и поврзаност на криминалните групи со државните структури. Но, по последното истражување објавено во „Радар“, заканите што ги добиле повеќе не биле насочени само кон нив, туку и кон нивните семејства.

Во вознемирувачките коментари објавени под новинарскиот текст, според НУНС, се споменувале убиства, мачење и сексуално насилство врз нивните деца.

„Ни се закануваат дека ќе ни ги убијат децата. Одвратни закани. И Милан и јас очекувавме закани, за жал, но не очекувавме да бидат толку одвратни“, изјавил Цвијиќ за телевизијата Н1.

„Две подвижни мети“ по истражувањето за криминалот

Заканите следувале по објавувањето на истражувачки текст за комуникации преку апликацијата „Скај“, за кои новинарите на „Радар“ тврдат дека укажуваат на директни врски меѓу претставници на власта и криминални лица.

Овие наводи се предмет на новинарското истражување и не претставуваат судски утврдени факти.

НУНС бара надлежните институции веднаш да ги идентификуваат лицата што ги испратиле заканите и да преземат мерки за заштита на новинарите и нивните семејства.

Адвокатот на здружението, Раде Ѓуриќ, предупредува дека директните извршители не мора нужно да бидат и оние што ги осмислиле заканите.

Според него, дополнителен проблем создаваат јавните пораки со кои критичките новинари се претставуваат како предавници, странски платеници и непријатели на државата.

Ѓуриќ изразува страв дека ваквите закани еден ден би можеле да бидат реализирани, особено ако институциите не обезбедат ефикасна заштита.

Напади, прислушување и украдени документи

За Вук Цвијиќ ова не е прв случај на заплашување.

Уште во 2001 година бил цел на прислушување додека го истражувал атентатот на Ибарската магистрала.

Во 2017 година му бил провален автомобилот, а биле украдени лаптоп и истражувачка документација.

Во 2022 година непознати лица му го одзеле телефонот и избришале фотографии од него.

Во мај 2024 година бил физички нападнат во центарот на Белград, кога директорот на „Српски телеграф“, Милан Лаѓевиќ, го удрил со тупаница во главата.

Во текот на 2025 година Цвијиќ пријавил и инциденти со полицијата за време на протестите во Белград.

Сега, по повеќегодишните закани и напади, новинарот се соочува со закани насочени кон неговото дете.

НУНС предупредува дека институциите мора да реагираат

Новинарот Ѓорѓе Влајиќ оценува дека овој случај претставува сериозен тест за српските институции.

Според него, доколку полицијата и обвинителството не реагираат, дополнително ќе се продлабочи недовербата во нивната способност еднакво да ги заштитат сите граѓани, вклучително и новинарите што ја критикуваат власта.

НУНС потсетува дека во голем број случаи заканите кон новинарите остануваат нерасчистени, а лицата што ги испраќаат никогаш не одговараат.

Проблемот е документиран и во претходните извештаи на здружението за безбедноста на новинарите во Србија.

Во извештајот за 2024 година се регистрирани 80 случаи на сериозни закани кон новинари и медиумски работници, при што голем дел останале нерасчистени.


Најновиот случај повторно го отвора прашањето колку се заштитени истражувачките новинари кога објавуваат информации за можната поврзаност меѓу политичката моќ и организираниот криминал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс