По истрчаните километри, бодрењата, радоста и медалите, дојде ред и на благодарноста кон оние што помогнаа сето тоа да се случи. На завршниот коктел во организација на Скопскиот маратон беа доделени благодарници на партнерите и поддржувачите за нивниот придонес во реализацијата на годинашното издание. На настанот беше доделена благодарница и на Трн.мк, медиумски партнер на Скопскиот маратон.

Средбата беше повод да се заокружи годинашната маратонска приказна, но и да се истакне улогата на заедницата зад неа: организаторите, волонтерите, партнерите и сите што им помогнаа на тркачите на патот до целта.
Скопскиот маратон и партнерите создадоа хет трик за нашето општество
Гордана Кузмановска Николовска, генерален секретар на Сојузот на спортови на Скопје, за Трн.мк вели дека растот на маратонот е неодвоив од луѓето и организациите што веруваат во него.
„Спортските настани може да растат само ако имаат поддршка од заедницата. Нашите партнери немаат желба само да се истакнат. Тие искрено веруваат и се залагаат за спортот и спортистите“, истакнува таа.
Таа посочува дека дел од партнерите се вклучени во организацијата со сите свои логистички капацитети.
„Имаме партнери кои логистички се инволвирани со целосни капацитети, не дека мораат, туку искрено сакаат Виз Ер Скопски Маратон да биде подобар во секое следно издание“, вели Кузмановска Николовска.

Во 2007 имало 700 учесници, а годинава 15.000
Патот до годинашната рекордна бројка започна со обновувањето на настанот во 2007 година, на иницијатива на тогашниот евроамбасадор Ерван Фуере и тогашниот градоначалник Трифун Костовски, со организација доверена на Сојузот на спортови на Скопје. Според податоците доставени од организаторот, тогаш имало околу 700 пријавени, наспроти годинашните 15.040 учесници од 63 земји.
Жените годинава сочинувале 52% од вкупниот број учесници. Во подолгите дисциплини, пак, побројни биле мажите: со 72% во маратонската трка и со 60% во полумаратонот, според статистиката на организаторите.
Зад бројките стојат и лични приказни. Искусната маратонка Миљана Ристиќ учествувала во трката на пет километри во деветтиот месец од бременоста, а се породила две недели подоцна. На другиот крај од возрасниот распон, според организаторите, највозрасниот учесник во маратонската трка имал 78 години.
Масовноста на Скопскиот маратон добива уште поголемо значење во регионален контекст. Според споредбените податоци што ги посочуваат организаторите, со 15.040 учесници Скопје ги надминува Белград со 14.000, Софија со 12.000 и Загреб со 5.100 учесници, додека Љубљанскиот маратон бележи 22.500 пријавени. Овие бројки ја потврдуваат позицијата на Скопје како еден од значајните тркачки центри во регионот и покажуваат колку пораснал настанот од неговото обновување до денес.

Во Скопје освежување на секои 800 метри, во светот на 2.5 километри
За годинашното издание биле пријавени 620 волонтери, од кои 80% девојки. Нивниот ангажман е дел од организациската работа што ја придружува секоја трка, надвор од вниманието насочено кон резултатите и победниците.
Според организаторите, освежување за тркачите имало на секои 800 метри, со вода, овошје, електролити, маслинки, колачи и шеќер. За споредба, на други маратони освежувањето најчесто почнува од 5-тиот километар, па на секои 2.5 километри. Медицинските екипи имале само неколку полесни интервенции, а организаторите го поврзуваат ваквиот исход со поволните временски услови и достапноста на освежување долж патеката.

Рамната скопска патека, која организаторите ја истакнуваат како погодна за лични рекорди, е уште еден адут на настанот. Таа поседува сертификат од Асоцијацијата на меѓународни маратони и улични трки – АИМС, наведен и во официјалните услови за учество.
Но, за Кузмановска Николовска, најважниот резултат не се мери само со времињата на целта или со бројот на пријавени.
„Заедно создадовме врвен спортски настан, се создаде голема трчачка заедница, а од нив произлегоа врвни маратонци. Ова е хет трик за нашето општество“, вели таа за Трн.мк.
Со благодарниците на завршниот настан, признание добија и оние чиј придонес не се запишува во листата со резултати, но е дел од секој успешно истрчан километар.
