Уличните протести на младите низ Европа ја покажуваат нивната непомирливост со актуелните глобални политики, но во Македонија сликата останува мирна. Додека генерацијата З во странство бара отчет за сопствената иднина, локалните анкети и разговори сведочат за поинаква реалност: наталожена апатија, преживување и автоцензура. Прашањето зошто кај нас нема масовен младински бунт ги открива секојдневните пречки со кои младите се соочуваат пред воопшто да помислат на гласен отпор на улица.
Запрашани зошто „џензи“ генерацијата протестира на Балканот и во Европа? – „Ние младите гледаме дека може секогаш подобро, и ние можеме да направиме некоја промена важна во животот…“, „Младиве сфаќаат више што се дешава, не се глупи младите, на младата популација уопште не им се свиѓа актуелната политика глобална…“
А на прашањето од што им пукна филмот на младите тие одговараат дека се „Без иднина, без извор на приходи, без стабилност“, „Рибата смрди од кај главата, и младите што ќе прават, ќе се бунат…“.
Наспроти европските движења, локалната средина реагира со воздржаност и помирување со статус квото. Дел од граѓаните сметаат дека кај нас јавниот интерес брзо згаснува: „Знаеш кај нас како иде тоа, секое чудо за два дена, некако не се заинтересирани луѓето…“. Прашани зошто кај нас нема протести, младите и граѓаните одговараат „Напротив, мислам дека имаме голема причина за протест, ама можеби гледаме дека протестите кои што повозрасните ги организираат, немаат некоја многу голема промена“, „Они чувствуваат потреба, ама многу е присутна автоцензурата, која ја наследиле од нас постарите – наведната глава и ќути си трај си…“, „Не се гневни, оти немаме доволно комуникација, да не кажам, нема доволно муда, сите сакаат, ама никој не иде“.
На прашањето „Која е најчесто причината за младите да протестираат?“ граѓаните одговараат дека тоа е празниот џеб, бидејќи егистенцијата е главен проблем на секој жив човек.
Иако улиците се тивки, постојат црвени линии кои можат да ги поттикнат граѓаните на реакција. Првата пречка за нормален живот останува институционалниот притисок: „Митото, сите сакаат пари да му дадеш, за да ти свршат работа“.
Кога станува збор за личната мотивација за излегување на улица, граѓаните реагираат кога опасноста директно ќе им тропне на врата. „Кога би биле моите најблиски загрозени, би искочил“, дециден е еден соговорник, додека друг додава: „Би излегол, ако е нешто што ги засега младите…“.
