„Кафе со амбасадори“ во Тетово: разговор за мирот, безбедноста и европската иднина

Во Europe House Тетово се разговараше за мирот како услов за безбеден живот, меѓуетничка доверба, стабилност и европска перспектива на регионот.

Во Europe House Тетово се одржа настанот „Кафе со амбасадори“, посветен на темата „Мир и безбедност“, со учество на амбасадорот на Унгарија, Н.Е. Андраш Клајн.

Во отворена и интерактивна атмосфера, учесниците разговараа за поширокото значење на мирот и безбедноста, не само како отсуство на војна, туку и како услов за безбеден живот, еднаквост, почитување на идентитетот и чувство на припадност.

Преку искуството на Унгарија, беа разгледани историските промени низ кои поминала земјата, меѓу кои демократската транзиција и пристапувањето во Европската Унија во 2004 година.

Посебно внимание беше посветено на улогата на Европската Унија во градењето стабилни односи со соседните земји, заштитата на малцинствата и поттикнувањето регионална соработка.

Разговорот се фокусираше и на ЕУ како мировен проект, заснован врз заеднички институции, економска поврзаност и политичка соработка. Во тој контекст беа отворени и актуелните безбедносни предизвици, како и значењето на заедничкото европско дејствување.

Имајќи го предвид мултиетничкиот карактер на Тетово, дел од дискусијата беше посветен на меѓуетничкиот дијалог, градењето доверба и улогата на институциите, медиумите и граѓанското општество во зачувувањето на мирот.

На настанот беше нагласено дека современата безбедност не се однесува само на воени закани, туку ги опфаќа и енергетската сигурност, економската отпорност, дезинформациите и довербата во институциите.

Учесниците разговараа и за европската интеграција како важен фактор за долгорочната стабилност на Западен Балкан, како и за конкретните придобивки што членството во ЕУ може да ги донесе за Северна Македонија и за општеството во целина.

„Кафе со амбасадори“ е серија дебати што се организираат низ мрежата на Јуроп хаус, со цел да се поттикне отворен дијалог меѓу амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија и граѓаните.

е-Трн да боцка во твојот инбокс