Во ЈСП Скопје очигледно се уште не пристигнала информацијата дека Универзалната сала е затворена уште од 2015 година поради утврдени структурни оштетувања. Градежните работи за реновирање на Универзалната сала започнаа во 2021 година, но потоа беа стопирани, а во 2024 година изби пожар кој дополнително го оштети објектот.
Меѓутоа, тоа не ги спречи од ЈСП да објават дека манифестацијата „Бела ноќ“ ќе се одржи таму:
„По повод одржувањето на културната манифестација „Бела ноќ 2026″, која ќе се одржи на 3 октомври 2026 година (сабота) во ‘Универзална сала’ – Скопје, ЈСП Скопје ги известува граѓаните дека ќе обезбеди бесплатен јавен превоз“ напишаа од ЈСП.

Грешката веројатно настанала поради тоа што организатор на манифестацијата „Бела ноќ“, која се одржува утре од 18 часот и ќе трае до 3 часот по полноќ, е ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје. Настанот опфаќа паралелни програми на повеќе урбани точки: концерти на отворено, изложби во националните галерии, целовечерни диџеј-сетови и содржини за деца. Централните случувања се закажани на платото пред Националната опера и балет, во Градскиот парк и низ Старата скопска чаршија.