„Да ве чуеме!“: јавна прошетка низ Градскиот ѕид за маало по мерка на граѓаните

Вечерва низ дел од Градскиот ѕид ќе се одржи јавна урбана прошетка што ги поврзува историјата, културата, природата и секојдневните потреби на жителите, со цел да се отвори разговор за тоа каков јавен простор сакаат граѓаните во своето маало.

„Што сакате во вашето маало?“ е прашањето со кое вечерва ќе започне јавната урбана прошетка низ дел од Градскиот ѕид во Скопје. Настанот ќе се одржи во среда, 27 мај, од 18 до 20 часот, а збирното место е на булевар „Климент Охридски“ бр. 54, пред цвеќарницата Fancy Flower and Fancy Marriage.

Прошетката има цел да отвори дијалог меѓу жителите, корисниците на јавниот простор и младите архитекти, истражувајќи ги историските, културните и природните слоеви на оваа градска четврт. Наместо архитектурата да остане само цртеж, план или академска вежба, настанот ја враќа таму каде што најмногу припаѓа, меѓу луѓето што секојдневно го користат просторот.

Маалото како жива урбана мапа

Прошетката е замислена како движење низ одредени урбани, понекогаш видливи, а понекогаш занемарени точки во просторот. На тие места ќе се отвораат разговори и активности во кои ќе бидат вклучени самите жители, граѓаните и публиката.

Фокусот е на урбаните предизвици во маалското опкружување, можностите што ги нуди просторот, но и на неговото граѓанско активирање. Настанот порачува дека јавниот простор не е само нешто што се планира одозгора, туку нешто што се живее, користи, менува и брани секој ден.

Архитектура во директен разговор со граѓаните

Настанот е организиран како дел од Урбанистичко студио 8.4 на тема „Градот и природата“, во летниот семестар 2025/26 на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје. Студиото го води педагошкиот тим проф. д-р Дивна Пенчиќ и м-р Филип Јовановски, во соработка со проф. м-р Наташа Милованчев и м-р Дарко Христов, во рамки на предметот „Визуелни истражувања I Уметнички интервенции во јавен простор“.

Во студио 8.4 учествуваат студентите Теодора Димеска, Викторија Дукоска, Мартин Јовчевски, Фанија Миленковска, Анастасија Мојсовска и Ивана Пенчова.

Од предметот „Визуелни истражувања I Уметнички интервенции во јавен простор“ учествуваат Тамара Боризоска, Стефанија Вељаноска, Теона Митаноска, Фиона Иљазова и Љупчо Бошевски.

Настанот се реализира во соработка со Факултетското студентско собрание на Архитектонскиот факултет при УКИМ и Аероклуб Скопје.

Во град во кој маалата сè почесто се менуваат побрзо отколку што жителите успеваат да реагираат, ваквите прошетки се мал, но важен обид просторот повторно да се прочита од перспектива на оние што го живеат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс