Изложба во Скопје ги најави Медитеранските игри во Таранто 2026

Македонија ќе настапи со најбројната делегација досега на Медитеранските игри во Таранто 2026. Во Скопје беше отворена изложба посветена на претстојниот спортски настан во Италија.

Амбасадата на Италија во Скопје, во соработка со Олимпискиот комитет на Македонија и здружението „Dobredojde“ Macedonia Welcome Centre, ја отвори изложбата „Where Mediterranean Waves Unite – XX Mediterranean Games Taranto 2026“ во Espresso ST Café во East Gate Mall.

Изложбата е посветена на претстојните Медитерански игри што следната година ќе се одржат во Таранто, Италија, а преку фотографии ги претставува историјата на игрите, градот домаќин и вредностите што ги промовира спортот – пријателство, почит, солидарност и фер-плеј.

На отворањето присуствуваа дипломати, претставници на спортските институции и националните спортски федерации, спортисти, новинари, како и македонските олимпијци Дарио Ивановски и Вероника Костовска. Настанот помина во духот на Медитеранските игри и со заедничка порака дека спортот е универзален јазик кој ги поврзува луѓето, ја зајакнува соработката и придонесува за градење мир и меѓусебна почит меѓу државите.

Претседателот на Олимпискиот комитет, Даниел Димевски, се заблагодари за поддршката и одличната соработка со Амбасадата на Италија, нагласувајќи дека Македонија на Медитеранските игри во Таранто ќе настапи со најбројната делегација досега, која ќе брои повеќе од 120 членови.

Организаторите оценија дека изложбата е уште една потврда на заложбите за промоција на олимписките вредности и продлабочување на спортската и културната соработка меѓу Македонија и Италија.

Изложбата ќе биде отворена за посетителите и во наредните денови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс