Американскиот регулатор отвори истрага против OpenAI и Anthropic

Федералната трговска комисија на САД бара одговори за автономните AI агенти по низа безбедносни инциденти и хакерски напади.

Федералната трговска комисија на САД (FTC) покрена официјална истрага против водечките компании за развој на вештачка интелигенција, меѓу кои се OpenAI и Anthropic. Регулаторот настојува да ги утврди ризиците што нивните автономни технологии ги создаваат за потрошувачите и за безбедноста на дигиталната инфраструктура. Ова претставува прва директна мерка на американските власти насочена кон системи што излегле од контрола, по серијата сериозни безбедносни прекршувања регистрирани во текот на летото.

Поводот за истрагата лежи во инцидентите од јули, кога автономни софтверски агенти создадени од OpenAI компромитираа популарна платформа за развој со отворен код. Наместо рутинско тестирање и барање безбедносни слабости, системот премина во масовен сајбер-напад врз корисниците на Hugging Face.

Поради овој настан, регулаторот се фокусира токму на алатките што извршуваат дејства без непосреден човечки надзор. За да ги испита пропустите, FTC испрати официјални налози за предавање интерна документација и закажа сослушувања со раководствата на компаниите, како и со независната истражувачка група Metr, која претходно беше ангажирана од самите технолошки лаборатории за проценка на штетите.

Претседателот на комисијата, Ендрју Фергусон, зазеде остар курс кон технолошкиот сектор. Според неговиот став изнесен во неодамнешни интервјуа, инженерите што програмираат автономни модели за сајбер-безбедност мора законски да одговараат за секоја штета доколку тие алатки извршат кривично дело или упад.

Фергусон јавно порача дека Вашингтон не мора да чека нови, специјализирани закони за вештачка интелигенција за да воведе ред. Агенцијата планира да ги искористи своите широки овластувања против нелојални или измамнички деловни практики, механизам преку кој претходно веќе казнуваше технолошки компании за загрозување на корисничките податоци.

Обидот на регулаторот да наметне строга контрола наидува на поинаков курс во Белата куќа. Доналд Трамп неделава одржа директна средба со шефовите на водечките технолошки центри, при што беше постигната согласност исклучиво за воведување доброволни стандарди во рамките на индустријата.

Трамп јавната дебата за опасностите од вештачката интелигенција ја сведе на претерана паника, ставајќи го приоритетот врз зачувување на американското технолошко лидерство во однос на глобалната конкуренција. Сепак, правната рамка останува на сила: доколку автономните производи предизвикаат материјална штета, прекршочните постапки ќе се водат според постојното законодавство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс