Иранскиот потпретседател Мохамед Реза Ареф изјави дека Техеран „по ниедна цена“ нема да се откаже од Ормускиот теснец, нагласувајќи дека оваа стратешка поморска рута отсекогаш била дел од иранската сфера на влијание. Изјавата доаѓа во момент кога Ормутскиот теснец останува во центарот на глобалната енергетска и безбедносна криза.
Во меѓувреме, иранската Револуционерна гарда соопшти дека околу 30 бродови поминале низ Ормускиот теснец од средата вечерта, но со дозвола и под надзор на иранските сили. Иранските медиуми објавија дека дел од пловилата биле кинески, а нивниот транзит бил овозможен по координација меѓу Техеран и Пекинг.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи тврди дека Техеран не поставил пречки за комерцијалната пловидба низ теснецот, но нагласи дека бродовите мора да соработуваат со иранските поморски сили. Тој ги обвини САД дека создаваат тензии во регионот и дека со своите политики ја влошуваат состојбата околу една од најважните светски рути за транспорт на нафта и гас.
Според иранските извори, транзитот останува забранет за бродови поврзани со „непријателски држави“. Тоа значи дека Ормускиот теснец формално не е целосно затворен, но во пракса пловидбата се одвива селективно, со претходна координација и дозвола од иранските власти.
Ормускиот теснец е клучен глобален енергетски коридор, преку кој минува значаен дел од светската трговија со нафта и гас. Затоа секое ограничување, дозвола или закана околу неговата проодност веднаш се одразува врз цените на енергенсите, осигурувањето на бродовите и глобалните синџири на снабдување.
Најновите информации доаѓаат во време кога американскиот претседател Доналд Трамп е во Кина на разговори со кинескиот лидер Ши Џинпинг. Според извештаите, Вашингтон и Пекинг се согласиле дека Ормутскиот теснец треба да остане отворен за енергетски испораки, но иранските пораки покажуваат дека Техеран сака да ја задржи контролата врз условите под кои бродовите ќе минуваат низ регионот.