Dona da Vidra ја носи македонската стрип-сцена во Сомбор

Славица Купенкова ќе учествува на панел за жените во современиот стрип и ќе го промовира својот најнов графички роман.

Македонската стрип-цртачка и илустраторка Славица Купенкова, позната под уметничкото име Dona da Vidra, ќе ја претставува Македонија на 11. Меѓународен фестивал на стрип и фантастика во Сомбор, Србија.

Како што информира македонскиот промотор Томе Трајков, Купенкова ќе се претстави пред регионалната и меѓународната публика со својот најнов графички роман, но и со поширок преглед на нејзината авторска работа.

Фестивалот во Сомбор традиционално собира стрип-автори, сценаристи, издавачи и љубители на деветтата уметност од регионот и Европа, со програма посветена на стрипот, фантастиката и современата визуелна култура.

Купенкова ќе има две клучни активности во рамки на фестивалот. Во сабота, на 16 мај, од 18:00 до 18:30 часот, ќе учествува на панел-дебатата „Жени во современиот стрип: перспективи и искуства“. Во разговорот, покрај неа, ќе учествуваат и Ана Живковиќ, Сара Живковиќ и Силвија Дерановиќ, под модераторство на Стеван Пузиќ.

Во недела, на 17 мај, од 11:00 до 11:30 часот, ќе биде одржано официјалното претставување на нејзиниот нов графички роман пред фестивалската публика.

Творештвото на Купенкова е препознатливо по домашни и регионални соработки. На фестивалот ќе биде актуелизирана и нејзината работа со српскиот сценарист Иван Вељковиќ, како и долгогодишната соработка со македонскиот стрип-сценарист Ѓоре Ѓелев, со кого ги потпишува домашните изданија „Супер Обичниот и Непредвидливиот“ и „Зад затворени врати“.

Купенкова е позната и како една од основачките на групацијата „Стрип центар – Стрипот може!“, која активно работи на развој и промоција на стрип-културата во Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс