Финска, Австралија и Грција водат во обложувалниците пред финалето на Евровизија

Финска, Австралија и Грција се меѓу главните конкуренти, додека финалната евровизиска трка ќе се решава во сабота вечер.

Евровизија 2026 ја доби комплетната листа на финалисти по втората полуфинална вечер што се одржа во Виена. Во големото финале, закажано за сабота, 16 мај, ќе настапат 25 земји: десетте пласирани од првото полуфинале, десетте од второто полуфинале, домаќинот Австрија и земјите со директен пласман, Франција, Германија, Италија и Велика Британија.

Од второто полуфинале во финале се пласираа Бугарија, Романија, Чешка, Кипар, Данска, Австралија, Украина, Албанија, Малта и Норвешка. Без пласман во финалето останаа Азербејџан, Луксембург, Ерменија, Швајцарија и Латвија.

Втората полуфинална вечер донесе неколку силни настапи, а најголемо внимание привлече Австралија, која ја претставува Делта Гудрем со песната „Eclipse“. Австралиската претставничка обезбеди пласман во финалето со настап што дел од медиумите го оценија како еден од највпечатливите во полуфиналето.

Според актуелните обложувалници, Финска останува прв фаворит за победа на Евровизија 2026. На врвот на листата се Linda Lampenius & Pete Parkkonen со „Liekinheitin“, а веднаш зад нив се Грција со Akylas и песната „Ferto“ и Австралија со Делта Гудрем и „Eclipse“.

Во кругот на посериозни конкуренти се споменуваат и Данска, Франција и Израел, додека позициите на земјите од регионот се поскромни според обложувалниците. Хрватска и Србија обезбедија место во финалето, но во моменталните прогнози не се меѓу најголемите фаворити за победа.

Големото финале ќе се одржи во сабота вечер, кога ќе биде познат победникот на 70. издание на Евровизискиот натпревар. По завршувањето на полуфиналињата, фокусот сега се префрла на финалниот настап, редоследот на изведување и последните промени во обложувалниците, кои традиционално се менуваат до самиот почеток на шоуто.

е-Трн да боцка во твојот инбокс