Со помош на вештачка интелигенција украдени 95 милиони евра од италијанска банка

Преку лажна WhatsApp порака и клониран глас на адвокат, хакери префрлиле милиони од банката Интеза Санпаоло во Кина и Хонгконг.
Фото: Pava, CC BY-SA 3.0 IT, via Wikimedia Commons

Италијанската банкарска групација Интеза Санпаоло претрпе финансиски удар откако измамници, користејќи софистицирана технологија со вештачка интелигенција, извлекоа 95 милиони евра од нејзината филијала за приватно банкарство Фидеурам. Според извори на Ројтерс и италијанскиот весник „Кориере дела сера“, напаѓачите со денови воделе испланирана комуникација со раководството на банката пред да го активираат трансферот на парите кон далечни дестинации.

Измамата започнала кога тогашниот претседател на управата на Фидеурам, Паоло Молезини, добил порака на апликацијата WhatsApp. Испраќачот лажно се претставил како Карло Месина, главен извршен директор на матичната банка Интеза Санпаоло. Во пораката стоело барање за итна асистенција околу доверлива меѓународна трансакција, спакувано во формален деловен тон кој не оставил простор за сомнеж кај банкарот.

Клучниот чекор во измамата следел набрзо потоа, кога преварантите му се јавиле на Молезини. Повикот наводно доаѓал од виш партнер во позната адвокатска канцеларија, кој усно ги потврдил инструкциите за исплата. Како што пренесуваат упатените извори, напаѓачите користеле гласовен deepfake со вештачка интелигенција за совршено да го реплицираат гласот на адвокатот и да ја отстранат секоја преостаната недоумица.

Убеден дека извршува легитимна одлука на врвот на банката, Молезини му наложил на финансискиот оддел да започне серија банкарски трансфери. Средствата заминале на отворени сметки во Кина и Хонгконг. Банката подоцна успеала да врати повеќе од половина од украдената сума, но истражителите сè уште трагаат по преостанатите 36 милиони евра. Портпаролите на Интеза Санпаоло и Фидеурам засега одбиваат да го коментираат случајот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс