Бројот на продадени станови во Хрватска во првите три месеци од 2026 година е намален за 42,2 проценти, што претставува најголем пад меѓу земјите членки на Европската Унија, според податоците на Евростат. Во истиот период, намалување на продажбата на станбени недвижности е регистрирано во девет земји од ЕУ. По Хрватска, најголем пад имале Бугарија со 18,5 проценти и Финска со 11,8 проценти.
Од друга страна, седум земји бележат раст на бројот на трансакции. Најголемо зголемување има во Кипар, со 13,6 проценти, и Данска, со 8,4 проценти.
Хрватскиот пазар слабее и на годишно ниво
Податоците за цела 2025 година покажуваат дека продажбата на станови во повеќето европски земји се зголемила во споредба со 2024 година. Сепак, во три од 18 земји со достапни податоци е забележано намалување. Најголем пад повторно е забележан во Хрватска – 4,1 процент. Следуваат Бугарија со пад од 2,5 проценти и Полска со 1,1 процент.
Најголем раст на продажбата во 2025 година имала Словенија, со зголемување од 29,9 проценти. Следуваат Литванија со 22,8 проценти и Австрија со 21,4 проценти.
Пад на трансакциите и во последниот квартал од 2025
Во четвртиот квартал од 2025 година, бројот на продадени станбени недвижности се намалил во четири земји. Најголемо намалување е забележано во Луксембург – 31,3 проценти, потоа во Хрватска со 13,7 проценти и Португалија со 3,6 проценти.
Во исто време, раст на продажбата е забележан во 13 земји, а најголем напредок има во Унгарија (23,5 проценти) и Австрија (20,2 проценти).И покрај падовите во бројот на трансакции, цените на недвижностите во еврозоната продолжуваат да растат.
Во 2025 година, цените на куќите во еврозоната се зголемиле за 5,3 проценти, додека вкупната вредност на продадените станови пораснала за 16,5 проценти. За 2024 година, Евростат забележал пад на бројот на трансакции во шест земји, додека во 12 земји имало раст. Најголем пад бил регистриран во Словенија (-17,7 проценти), Хрватска (-13,9 проценти) и Франција (-9,4 проценти).
Истовремено, најголем раст во 2024 година имале Луксембург (+47,1 проценти), Унгарија (+34,8 проценти) и Холандија (+17 проценти).
Пазар под притисок од високите цени и послабата побарувачка
Комбинацијата од раст на цените и намален број на продажби покажува дека европскиот пазар на недвижности се соочува со нови предизвици.
Експертите оценуваат дека на движењата влијаат каматните стапки, достапноста на кредити, трошоците за домување и промените во побарувачката по повеќегодишни економски и геополитички нестабилности. Хрватска во моментов е пример за пазар каде што високите цени и намалената куповна моќ се одразуваат врз бројот на реализирани трансакции.