Овошјето и зеленчукот имаат сè помалку хранливи материи

Регенеративното земјоделство ветува повеќе железо, селен и фолати, но научниците сè уште се поделени околу резултатите.
Фото: Santeri Viinamäki, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Витаминот Ц во лимоните е намален за скоро третина за 22 години, покажа анализа на американското Министерство за земјоделство од доцните 1990-ти. Калциумот во морковите паднал за над четвртина, а витаминот А во бананите за 57 отсто. Истражувачите сега испитуваат дали регенеративното земјоделство, метод фокусиран на обновување на почвата, може да го сврти трендот.

Според анализата на американското Министерство за земјоделство, минералната содржина на пченицата е намалена за 20 до 30 отсто од 1960-тите години наваму. Причините варираат. Едните ја бараат вината во новите сорти култури, одгледувани да растат побрзо и поголеми. Другите посочуваат на повисоките нивоа на јаглерод диоксид во воздухот, кои ги наведуваат растенијата да произведуваат повеќе шеќери и скроб, но со помалку хранливи материи. Досегашните предложени решенија, генетски модифицирани култури, синтетички додатоци или подземни фарми, не го решиле проблемот во целост.

Истражувачката Франческа Бркиќ, во соработка со Универзитетот во Линколн, испитува дали обновувањето на органската материја и екосистемите во почвата всушност ја зголемува хранливата вредност на храната. Нејзиниот тим споредил примероци од регенеративни и конвенционални фарми и открил дека железото во кељот може да биде до 22 пати повисоко, селенот во сушениот грашок до осум пати повисок, а фолатите во морковите до 20.000 пати повисоки на регенеративните фарми.

Бркиќ објаснува дека органското земјоделство било земено како минимална основа за споредба, бидејќи регенеративното сè уште нема сертифициран стандард. Според неа, органското се фокусира на избегнување штета, но не бара активно позитивно дејствување. Регенеративните фарми во истражувањето биле дефинирани преку употреба на покривни култури и испаша на добиток, без орање и без инсектициди или пестициди.

Орањето и интензивната употреба на ѓубрива, хербициди и пестициди го нарушуваат микоризното ткиво во почвата, мрежа преку која растенијата ги извлекуваат хранливите материи од земјата. Американскиот геолог Дејвид Монтгомери, коавтор на книгата „What Your Food Ate“, смета дека конвенционалното земјоделство ги „отпуштило од работа“ микробите кои ја транспортираат и извлекуваат хранливата материја во почвата. Регенеративните практики, вели тој, ги враќаат тие процеси. Монтгомери и неговата сопруга, биологот Ен Бикле, спровеле помала студија во 2022 година и забележале поврзаност меѓу регенеративното земјоделство и повисоката хранлива густина на култури во САД.

Голем преглед на литература на Универзитетот Њукасл од 2015 година покажал дека преминот кон органско овошје, зеленчук и жита би обезбедил дополнителни антиоксиданси еквивалентни на една до две дополнителни порции овошје и зеленчук дневно. Институтот Bionutrient, во повеќегодишна рамка на истражување со илјадници примероци, утврдил дека најсилната поврзаност со високата хранлива вредност е биолошката активност и здравјето на самата почва.

Сепак, не сите резултати одат во иста насока. Прегледи на британската и француската агенција за храна пронашле одредени разлики, но ги оцениле како мали. Голема анализа на Универзитетот Стенфорд утврдила повисоки нивоа на фосфор во органската храна низ целиот примерок, но останатите разлики биле променливи, а во некои случаи и незначителни.

Регенеративното земјоделство бара повеќе човечки труд и помалку механизација, што го прави потенцијално поскап метод. Исто така е подложно на „зелено миење“, практика која, покажуваат студии, е сè почеста. Лекарот Нахид Али го опишува феноменот на „диететско поместување“, кога луѓето мислат дека одредена храна е похранлива поради нејзините одржливи или регенеративни ознаки, па затоа јадат помалку од неа. Тој вели дека тоа може да доведе до недоволен внес на важни макро и микронутриенти, и додава дека во својата пракса често го забележува овој образец.

Група научници за почва, меѓу кои и професорот Кен Гилер, сметаат дека е малку веројатно регенеративното земјоделство да може да ги нахрани над 8,3 милијарди луѓе на планетата, а истовремено да носи и еколошки придобивки. Монтгомери не се согласува. Тој вели дека регенеративниот пристап не зависи од конкретна опрема или практики, туку од филозофија, поставување на здравјето на почвата како водечка цел на земјоделството.

„Замислете само што би можеле да постигнеме, ако направиме неколку промени во нашите практики за почва и земјоделство, и каков ефект тоа би имал врз нас,“ вели Бркиќ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс