Претседателот на Чешка, Петар Павел, се појави на трката за Формула 1 во Унгарија со целосна фотографска опрема и официјална акредитација од ФИА. Тој заедно со чешкиот Ф1-фотограф Иржи Кренек, ја фотографираше трката на Хунгароринг.
Петар Павел пристигна на Хунгароринг за саботните сесии од викендот на Големата награда на Унгарија, но не во официјална мисија. Со целосен фотографски комплет и официјална акредитација од ФИА, тој снимаше од страна, придружуван од чешкиот Ф1-фотограф Иржи Кренек. Спортската фотографија, а особено моторспортот, е негова долгогодишна страст.
Ова не е прв пат Павел да се фаќа за апаратот на голема трка. Во јуни патуваше во Франција за да ги фотографира 24-те часа на Ле Ман, повторно со целосна опрема. Поранешниот претседател на Воениот комитет на НАТО има покриено настани и во домашни услови, МотоГП и Светското првенство во супербајк во Брно, а патувал сè до САД за да ја фотографира НАСКАР и до Саудиска Арабија за релито Дакар. Дел од фотографиите што ги направи на Дакар 2025, каде истовремено ги поддржуваше чешките натпреварувачи, беа изложени во Националниот технички музеј во Прага. Минатата година, со аукција на фотоалбум, собра речиси 30.000 евра за добротворна организација наменета за деца, самохрани родители и постари лица.
Иако е невообичаено политичари да присуствуваат на трки чисто заради лична страст, неколку светски лидери редовно се појавуваат на големи настани во моторспортот во сопствените земји. Минатата година, тогашниот британски премиер Кир Стармер го прими во Даунинг стрит 10 извршниот директор на Ф1, Стефано Доменикали, возачи и високи претставници на тимовите, во пресрет на Големата награда на Велика Британија.