Министерството за внатрешни работи од првата половина на август воведува брзи тестови за дрога при сообраќајните контроли, објави порталот Слободен печат. Полициските службеници на терен ќе земаат брис од плунка од сомнителните возачи, а резултатите ќе бидат готови за три до десет минути. МВР веќе нарача 10 илјади парчиња со кои ќе се врши скрининг во сообраќајот.
Како што е објавено, Министерството за внатрешни работи ги нарача првите 10 илјади кинески тестови, кои треба да пристигнат на почетокот на август. Поединечната цена на еден тест изнесува 218 денари.
Јавната набавка е спроведена преку двогодишна рамковна спогодба. Со оваа спогодба е поставен горен лимит од 80 илјади евра за период од две години, што значи дека буџетот за оваа намена не смее да ја надмине таа сума.
Тестовите имаат точност од 99 проценти и за нивна употреба не се потребни медицински познавања. Сообраќајните полицајци ќе ги користат директно на пат, со земање брис од плунка.
Со еден брис ќе се проверува присуство на седум категории супстанции: кокаин, амфетамин, метамфетамин, опијати како морфин и хероин, екстази, седативи и ТХЦ од марихуана. Полициските службеници ќе ги користат овие брзи проверки за детекција на интоксицирани возачи зад воланот.