Издавачката куќа „Или-Или“ ја објави „Недостоинство“ од Леа Ипи, книга во која албанската писателка и професорка по политичка теорија ја истражува животната приказна на својата баба Леман. По „Слобода“, ова е второ нејзино дело достапно на македонски јазик, во превод од англиски на Кристина Димкова и со дизајн на корицата на Марија Смилевска.
Повод за книгата е фотографија од медениот месец на бабата и дедото на Ипи, направена во 1941 година, која авторката случајно ја открива на интернет. Фотографијата отвора прашања за животот на Леман, за нејзините избори и за тоа колку од една човечка судбина може да се реконструира преку спомените и документите.
Во потрагата по одговори, Ипи се враќа во архивите на поранешната албанска тајна полиција и во сопствената семејна историја. Од документите, но и од празнините во нив, го гради портретот на жена чиј живот минувал низ војни, окупации, падови на империи и диктатури.
„Недостоинство“ ги поврзува мемоарот, историјата и фикцијата, преиспитувајќи што можат да откријат архивите на една репресивна држава и што останува надвор од нив. Во средиштето е прашањето како да му се врати достоинството на еден живот кога неговата целосна вистина останува недостапна.
Во рецензиите што ги пренесува издавачот, книгата добива пофалби за книжевната смелост и за спојот на семејната приказна со политичката и интелектуалната историја. Критичарите ја поврзуваат со делата на Кафка, Булгаков и Елена Феранте, издвојувајќи го начинот на кој Ипи ги истражува семејството, класните односи и одлуките донесени под политичка принуда.
Леа Ипи е родена во 1979 година во Драч, Албанија, и предава политичка теорија на Лондонската школа за економија. Нејзините научни интереси ги опфаќаат марксизмот, критичката теорија, мислата на Просветителството и интелектуалната историја на Балканот.
Во „Слобода“, објавена во 2021 година, преку сеќавањата од детството го истражува преминот на Албанија од комунизмот во посткомунистичкото општество. Со „Недостоинство“ од 2025 година ја продолжува книжевната потрага низ личното и семејното искуство, овојпат преку животот на својата баба.
Според „Или-Или“, македонското издание доаѓа во период на зголемен интерес за авторката, особено по нејзиното неодамнешно гостување на фестивалот „Букстар“ во Скопје.
