„Жена, живот, слобода!“ Во Скопје почна протестот против фемицидите во Скопје

Со пораката „Ниту една повеќе!“, граѓаните бараат правда за Билјана, утврдување на институционалната одговорност и заштита за жените и девојките што се соочуваат со насилство

„Жена, живот, слобода!“ одекнува денес во Скопје, каде што започна протестот против фемицидите и институционалната неодговорност. Граѓаните се собраа во паркот „Жена Борец“ по смртта на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, со барање за правда и одговори за постапувањето на институциите пред нејзината смрт.

„Ниту една повеќе!“ и „Не бараме сочувство. Бараме одговорност“ се пораките со кои учесниците повикуваат на навремена и ефикасна заштита на жените и девојките што пријавуваат насилство.

Протестот го организира неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“. Според најавената програма, по собирањето и обраќањата во паркот, предвиден е марш низ центарот на Скопје, со завршна точка кај МОН.

Се бара истрага и одговорност за институционалните пропусти

Меѓу барањата на организаторите се целосна и транспарентна истрага за смртта на Билјана и утврдување одговорност за секој институционален пропуст. Бараат и усвојување на предложените законски измени за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.

Повикот опфаќа и враќање на поимот „род“ во законите, упатствата и програмите од кои, според иницијативата, бил отстранет, како и разрешување носители на јавни функции кои го оправдуваат или нормализираат насилството.

Организаторите предупредуваат дека по убиствата на жени се повторуваат ветувања и институционални соопштенија, додека пријавените закани и насилството продолжуваат да завршуваат со изгубени животи.

Билјана претходно пријавила насилство

На смртта на седумнаесетгодишната Билјана ѝ претходеле пријави за насилство и изречени мерки за заштита. Таа и 21-годишниот Виктор Гунтаров беа пронајдени мртви на 3 ноември во Богданци. Обвинителството соопшти дека првичните индиции упатуваат на убиство и самоубиство и дека сите околности ќе бидат испитани.

Надлежните потврдија дека постоела пријава за загрозување на нејзината сигурност, а во граѓанска постапка биле определени мерки за заштита од семејно насилство. Случајот го отвори прашањето како се следело почитувањето на мерките и дали институциите направиле сè што било потребно за да ја заштитат.

Од денешниот протест се бараат конкретни одговори за постапувањето и мерки што ќе обезбедат сигурност за секоја жена и девојка изложена на насилство.


фото: Јордан Серафимов

е-Трн да боцка во твојот инбокс