Дубровник е прекрасен, но тоа го знаат и сите други туристи. Малкумина знаат дека соседна Црна Гора нуди подеднакво убави приморски места и нови планински патеки. Монтевидео, пак, нуди танго и архитектура на светско ниво, исто како Буенос Аирес, а Алжир ги има античките урнатини на Рим, но без гужви.
Изборот ги издвојува местата што со радост ги пречекуваат посетителите и каде што вашето патување може да има позитивно влијание. Тоа значи поддршка за локалното население, заштита на животната средина и зачувување на културното наследство.
1. Абу Даби, Обединети Арапски Емирати
Културната четврт Саадијат конечно ја доживува својата клучна фаза, со отворањето на најголемиот музеј на дигитална уметност TeamLab Phenomena, Националниот музеј Зајед и Природонаучниот музеј. Островот Јас добива нови содржини во забавните паркови, а се планира и првиот Дизниленд на Блискиот Исток. Поради безбедносната состојба во регионот, пред патувањето треба да се проверат официјалните препораки.
2. Алжир
Земјата долго беше тешко достапна поради сложениот визен режим, но сега се отвора кон туристите, со цел до 2030 година да привлекува 12 милиони посетители годишно. Се воведуваат визи на граница за организирани тури. Најпривлечни се Алжир, градот Константин, кој е под заштита на УНЕСКО, римските урнатини во Тимгад и Џемила и песочните дини на Сахара.
3. Долината Колчагва, Чиле
Само два часа јужно од Сантјаго, оваа долина е срцето на чилеанското вино, со историски хациенди, дегустации и сместување меѓу лозјата. Регионот нуди и родео и набљудување на ѕвездите, а оваа година се одбележуваат 30 години од првиот чилеански Винарски пат.
4. Кукови Острови
Островите имаат многу помалку туристи од Фиџи, па посетителите се чувствуваат како гости, а не како туристи во хотелски комплекс. Островот Раротонга нуди планински врвови, лагуни и горда полинезиска култура. Морската заштита се зајакнува, а новите авиолинии го олеснуваат пристапот.
5. Костарика
Полуостровот Оса содржи 2,5 отсто од познатите копнени видови на планетата. Се шират заштитените подрачја за јагуарите и за мигрирачките ајкули, а еко-ложите и јога-центрите нудат спој на авантура и одмор.
6. Хебридите, Шкотска
На островот Луис се отвора нов центар за посетители кај камениот круг Каланаис, кој е постар од Стоунхенџ. Островот Ајла добива две нови дестилерии за виски, со што бројот на дестилерии на островот ќе стигне до 14.
7. Ишикава, Јапонија
Две години по разорниот земјотрес на полуостровот Ното, локалните власти ги повикуваат туристите да се вратат и да помогнат во обновата. Канадзава нуди славната градина Кенрокуен и традиционални занаети, а Ното нуди морска храна, лакирани предмети и наградувано саке.
8. Островите Комодо, Индонезија
Тука живее последната дива популација на змејовите од Комодо, најголемите гуштери на светот. Националниот парк одбележува 45 години постоење со нови програми за заштита на змејовите и на корални гребени.
9. Лорето, Мексико
Националниот парк Лорето Беј заштитува повеќе од 200.000 хектари од Калифорнискиот Залив, каде што живеат сини китови, морски желки и морски лавови. Поранешните рибари денес се водичи, а се развиваат и два нови национални паркови.
10. Црна Гора
Земјата во 2026 година одбележува 20 години независност. Покрај Которскиот Залив, вреди да се посетат Цетиње и Скадарското Езеро, како и планините Проклетије. Низ нив минува патеката Peaks of the Balkans, долга 192 километри, која ги поврзува и Албанија и Косово.
11. Брегот на Орегон, САД
Ова е единствената американска сојузна држава чиј цел брег е бесплатен и јавен за сите. Нови шатл-линии, полначи за електрични возила и бесплатни колички за плажа го прават брегот подостапен.
12. Оулу, Финска
Градот веднаш под Арктичкиот круг е една од европските престолнини на културата за 2026 година. Целогодишната програма вклучува уметнички инсталации, арктичка гастрономија и, се разбира, финска сауна.
13. Филаделфија, САД
Градот каде што се родиле САД го одбележува 250-годишниот јубилеј на државата. Филаделфија е и домаќин на натпревари од Светското фудбалско првенство и на други големи спортски настани.
14. Пном Пен, Камбоџа
Новиот аеродром Течо го отвора главниот град кон светот. Пешачки зони на крајбрежјето, електрични тук-тук возила и обновената модернистичка архитектура го менуваат ликот на градот. Поради конфликтот со Тајланд, областите покрај границата треба да се избегнуваат.
15. Гимараеш, Португалија
Градот кој се смета за родно место на Португалија во 2026 година е Зелена престолнина на Европа и слави 25 години под заштита на УНЕСКО. Речиси половина од жителите се помлади од 30 години, што му дава младешки дух.
16. Самбуру, Кенија
Подалеку од гужвите во Масаи Мара, Самбуру нуди ретки животни карактеристични за северна Кенија, засолниште за слончиња без мајки и прв астро-туристички проект во земјата.
17. Санто Доминго, Доминиканска Република
Најстариот европски град во Америка беше домаќин на Централноамериканските и карипските игри. Обновената колонијална зона, плажите и музиката меренге и бачата се главните причини да се посети.
18. Долината Слокан, Канада
Новата патека долга 60 километри ги одбележува судбините на над 22.000 Канаѓани со јапонско потекло, кои за време на Втората светска војна биле присилно иселени и интернирани токму тука.
19. Улуру, Австралија
Новата петдневна пешачка тура меѓу Ката Тјута и Улуру поминува низ предели што обично се затворени за јавноста. Таа е создадена во соработка со абориџинскиот народ Анангу, кој е традиционален сопственик на земјата.
20. Уругвај
Уругвај произведува 98 отсто од струјата од обновливи извори и е меѓу најбезбедните земји за ЛГБТИ+ патници. Монтевидео е едно од родните места на тангото, а лагуните со фламинга и дините на Кабо Полонио ја заокружуваат понудата.
