Ракети над Ријад, оштетена кулата на нафтениот гигант „Арамко“

Искршени прозорци на повеќе ката од кулата на нафтениот гигант во саудиската престолнина. Властите соопштија дека штетата е предизвикана од паднати остатоци и дека нема жртви.

Кулата на Арамко во Ријад е оштетена во неделата, при ракетен напад за кој коалицијата предводена од Саудиска Арабија ги обвини јеменските Хути. Според саудиското Министерство за енергетика, остатоци паднале врз административната зграда на државната нафтена компанија, предизвикувајќи ограничена материјална штета, објави Ројтерс.

Нема загинати ниту повредени. Очевидец на Ројтерс забележал искршени прозорци на повеќе ката од кулата Арамко, една од највисоките згради во финансискиот кварт „Крал Абдула“.

Во саудиската престолнина се слушнале повеќе силни експлозии, непосредно откако цивилната заштита издала предупредување за можна опасност. Властите подоцна соопштиле дека опасноста поминала.

Саудиската коалиција соопшти дека пресретнала и уништила две ракети што Хутите ги истрелале кон Ријад. Подоцна пријави и пресретнување на две крстосувачки ракети над главниот град и јужниот дел од земјата.


Според официјалното соопштение, оштетувањето на кулата е последица на паднати остатоци. Властите не потврдиле директен ракетен погодок во зградата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс