Туристите кои ова лето ќе престојуваат во Херцег Нови ќе треба да внимаваат како се облечени кога се движат надвор од плажите. Локалните власти воведоа казни за движење во костим за капење или без дел од облеката на јавни површини.
Одлуката ја донесоа Општина Херцег Нови и Комуналната инспекција, а правилото се однесува на јавните површини, Стариот град и градските улици.
Според информациите објавени на табла поставена во близина на плажата, казните за непочитување на ова правило се движат од 150 до 1.000 евра.
Локалните власти бараат поголем ред во градот
Станува збор за мерка во рамките на одлуката за комунален ред, со која локалните власти сакаат да воспостават поголема дисциплина на јавните површини, особено во текот на туристичката сезона.
Со ова Херцег Нови се приклучува на сè поголемиот број туристички места во Европа кои воведуваат построги правила за однесување на посетителите надвор од плажите.
Слични казни и во Италија
Слична одлука неодамна донесоа и властите во италијанското гратче Варена, на брегот на езерото Комо.
Таму се воведени казни од 50 до 200 евра за посетители кои низ населбата се движат голи до појас или во костими за капење.
Мерките се дел од обидите на локалните власти да ги ублажат последиците од масовниот туризам и да го заштитат квалитетот на живот на локалното население.