ХЕРА: Родовите дезинформации и насилството врз политичарките ја загрозуваат демократијата

„Насилството што не се препознава и документира останува без соодветен институционален одговор“, порачуваат од ХЕРА.

Родовите дезинформации, заканите и сексуализираните напади врз жените во политиката не се насочени само кон поединечни политичарки, туку го ограничуваат учеството на сите жени во јавниот живот и претставуваат закана за демократијата, предупредува ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.

Од организацијата посочуваат дека ваквите напади испраќаат порака до жените дека политичкото и јавното ангажирање има своја цена. Како најчести облици се наведуваат сексуализираните навреди, заканите, објавувањето лични податоци, манипулираните фотографии и координираните кампањи за дискредитација.

Сексистички напади доживеале 58 отсто од европските пратенички

Според истражување на Интерпарламентарната унија, 85 отсто од анкетираните европски пратенички доживеале психолошко насилство, додека 58 отсто биле цел на сексистички напади преку социјалните мрежи.

Анализа на „International IDEA“ и Фондацијата „Метаморфозис“ опфатила повеќе од 80 случаи на родово поврзани дезинформации во Северна Македонија во периодот од 2021 до 2024 година. Според податоците што ги пренесува ХЕРА, бројот на регистрирани случаи се удвоил во 2023 и 2024 година.

Европската комисија во извештајот за 2025 година предупредила дека изборните дезинформации и странското информациско манипулирање и мешање остануваат предизвик, додека суштинското политичко зајакнување на жените е ограничено.

Нема систематизирани податоци за нападите

Во Северна Македонија сè уште не постојат систематизирани податоци за насилството врз жените во политиката, ниту усогласен начин за утврдување кои жени се најчесто таргетирани, како се шират нападите и кој учествува во нивното засилување.

Не се следат доволно ниту последиците што ваквите напади ги имаат врз кандидатурите на жените, нивната јавна видливост и одлуката дали ќе останат на политичка функција.

„Насилството што не се препознава и документира останува без соодветен институционален одговор“, порачуваат од ХЕРА.

Според организацијата, ваквата атмосфера доведува до самоцензура, повлекување од јавноста или откажување од политичко кандидирање. Последиците не ги чувствуваат само нападнатите жени, туку и целото општество, бидејќи се намалува политичкото учество и се нарушува интегритетот на изборниот процес.

Потребна е методологија за следење на изборниот процес

ХЕРА повикува да се воспостави методологија за следење на родовите аспекти на изборниот процес. Таа треба да овозможи нападите да се евидентираат врз основа на докази во текот на целиот изборен циклус, како и навремено да се препознаваат можните координирани кампањи.

Методологијата треба да послужи и како основа за воспоставување јасни процедури за пријавување, упатување и заштита на жените изложени на закани, навреди и дезинформации.

За нејзино воспоставување, според ХЕРА, е потребен координиран одговор од Собранието, Државната изборна комисија, политичките партии, надзорните тела, медиумите и граѓанските организации.

Нападите не смеат да се прифаќаат како дел од политиката

Овие пораки беа упатени на тркалезната маса „Унапредување на паритетот и справување со дигиталното насилство врз жените во политиката“, организирана од Собранието и Интерпарламентарната унија.

Програмската раководителка на ХЕРА, Драгана Каровска Чемерска, посочи дека сексуализираните навреди, заканите, објавувањето лични податоци, манипулираните фотографии и координираните клеветнички кампањи не смеат да се прифаќаат како вообичаен дел од политичката борба.

Според неа, целта на ваквите напади е жените да бидат дискредитирани, замолчени или целосно истиснати од јавниот живот.

„Она што институциите не го следат, тешко можат да го спречат. А она што институциите го толерираат, постепено, но сигурно ја стеснува демократијата“, нагласуваат од ХЕРА.

Од организацијата заклучуваат дека демократската отпорност на Северна Македонија ќе се мери и според тоа дали жените можат безбедно, слободно и суштински да учествуваат во политичкиот живот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс