Платформата за резервации Booking.com потврди дека била цел на кибернапад, при кој неовластени лица добиле пристап до дел од податоците поврзани со резервации. Од компанијата соопштија дека веднаш презеле мерки за ограничување на инцидентот и за заштита на системите.
Според досегашните информации, компромитираните податоци може да вклучуваат имиња, адреси на електронска пошта, телефонски броеви и информации за резервации. Од Booking нагласуваат дека нема докази дека се компромитирани финансиски податоци на корисниците.
Компанијата веќе испратила известувања до погодените корисници и ја ажурирала PIN-заштитата за резервации. Воедно предупредува дека украдените податоци може да се искористат за измами и лажно претставување.
Од платформата апелираат корисниците да бидат внимателни и да не споделуваат чувствителни информации. Потсетуваат дека никогаш не бараат податоци од банкарски картички преку е-пошта, телефон или апликации за пораки, ниту пак бараат дополнителни плаќања надвор од официјалните канали.
Корисниците се советуваат да не отвораат сомнителни линкови и да пријавуваат можни обиди за фишинг.
Ова не е прв безбедносен инцидент поврзан со платформата, која во последните години се соочува со зголемен број сајбер напади и измами насочени кон корисниците.